Најмалку три жртви во најновото масовно пукање во Калифорнија

Најмалку три лица се убиени а уште четири други се ранети во пукање во саботата последниот смртоносен вооружен инцидент во американската сојузна држава Калифорнија, извести агенцијата Associated Press.

Како што прецизирал поручникот Френк Пресијадо од полицијата на Лос Анџелес, трикратното убиство се случило околу 2,30 часот по локално време во изнајмена куќа во луксузниот кварт Беверли Крест. Полицијата испитува дали била организирана забава во куќата, сместена во делот за кратко изнајмување на куќи.

Двајца од ранетите се во критична а двајца се во стабилна состојба, изјавил полицискиот наредник Брус Борихан, додавајќи дека двајца од ранетите во болниците во блиската област биле пренесени со приватни возила, а двајца се згрижени од службата за итни случаи.

Според Пресијадо, тројцата убиени претходно пристигнале на местото со еден автомобил, но засега нивниот идентитет и полот не е објавен. Додал дека полицијата нема информации за осомничен или осомничени лица за убиството.

Ова е најмалку шесто масовно пукање во сојузната држава Калифорнија од почетокот на јануари, во кои е убиено најмалку 21 лице, се наведува во извештајот на AP.

Престрелката во раните утрински часови во саботата доаѓа по масакрот во сала за танцување во предградие на Лос Анџелес минатата недела, во кој загинаа 11 а девет беа ранети и пукотници во две фарми во околината на градот во кои беа убиени седум луѓе и едно беше рането.

Убиствата нанесоа штета на угледот на Калифорнија, којашто има некои од најстрогите закони за огнено оружје во САД и најниска стапка на смртни случаи од огнено оружје.

Трета година со ред во штотуку изминатата 2022 година САД бележат масовни пукања, за какви што се означуваат вооружените инциденти со најмалку четири жртви или ранети, според Архивот за вооружено насилство (GVA).