Најмалку три жртви во земјотрес од 6,8 степени во северен Авганистан, почувствуван во соседните земји

Земјотрес со магнитуда од 6,8 степени според Рихтер го погоди во вторникот вечерта северен Авганистан, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC), усмртувајќи најмалку две лица на истокот на земјата и девојченце во соседен Пакистан.

Хипоцентарот на потресот бил на длабочина од 194 километри, а епицентарот во планинската верига Хиндукуш, во близина на зафрлената северна авганистанска покраина Бадахшан.

Епицентарот е лоциран на 48 километри југозападно од градот Ишкашим со население од повеќе од 12.000 лица. Градот се наоѓа во близина на авганистанската граница со Пакистан и Таџикистан.

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени во источен Авганистан минатата година однесе околу илјада човечки животи.

Според агенциските извештаи, моќниот подземен удар бил силно почувствувани во авганистанската престолнина Кабул и пакистанската Исламабад, а бил почувствуван и во Таџикистан, Индија до главниот град Њу Делхи, како и во Узбекистан.

Портпаролот на авганистанското министерство за катастрофи рекол дека две лица загинале во источната покраина Лагман. Во северниот пакистански планински округ Сват загинало 13-годишно девојче врз кое се урнал ѕид во нејзиниот дом, а уште 150 луѓе се повредени, соопшти пакистанската полиција.

„Почувствувавме силен потрес, според првичните податоци главно е погодена областа во округот Јамган“, изјавил за медиумите Мазудин Ахмади, шеф на одделот за информирање во Бадахшан. Некои од планинските села во таа област се тешко достапни и немаат пристап до телефон, ниту до интернет.

Претставник на Црвената полумесечина рекол дека не постои засега извештај во главниот град на Бадахшан, но се прават проверки во другите области.

Земјотресот бил почувствуван и во Мазафарабад, главниот град на пакистанската покраина Кашмир, која во 2005 година беше погодена од силен земјотрес во кој загинаа повеќе од 80.000 луѓе.

Земјотресот бил почувствуван во област којашто опфаќа 1.000 километри во којашто живеат околу 285 милиони лица, а ги опфаќа Пакистан, Индија, Узбекистан, Таџикистан, Казахстан, Киргистан, Авганистан и Туркменистан. Голем дел од јужна Азија сеизмички е активен, бидејќи Индиската тектонска плоча се забива во северен правец во Евроазиската тектонска плоча.