Најмалку тројца мртви во железничка несреќа во Германија

Во железничката несреќа којашто се случи во петокот претпладнето на југот на Германија според најновите податоци загинале најмалку тројца парници, додека поголем број се потешко повредени.

Несреќата се случила околу 12,30 часот по македонско време во близина на Гармиш-Паркенкирхен кога регионален воз на кат преполн со патници излетал од шините.

Според полициското соопштение, покрај тројцата загинати, повеќе од 60 се повредени од кои 16 лица се со потешки повреди. Меѓу патниците имало и многу деца.

Според изјави на очевидци неколку вагони се превртеле и излизгале низ железничкиот насип, на линијата Гармиш-Паркенкирхен кон Минхен.

На помош на пожарникарите им дошле припадници на Бундесверот и на сојузната полиција кои се стационирани во овој дел на Германија поради обезбедувањето на претстојниот самит на земјите на групата Г7 во блискиот Елмау.

Во Германија во петокот започна и тридневниот викенд за празникот Духови на кој продолжува еднонеделниот училишен распуст.

Истовремено во средата во Германија започна и продажбата на месечните билети од 9 евра за јавниот сообраќај а кои важат и за локалните возови на територијата на целата земја, што уште отсега предизвика невообичаено големи метежи во локалните и приградските возови, особено во туристички атрактивните области.