Организаторите на годинешното издание на Виз Ер Скопски маратон 2014, Град Скопје и Сојуз на спортови на Скопје, на денешната конференција за медиуми објавија дека ова ќе биде најмасовната и најквалитетната маратонска трка одржана досега во Скопје. Градоначаникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ја нагласи културната, економската и туристичката димензија на Виз Ер Скопски Маратон 2014 и значењето што Виз Ер Скопски маратон го има за главниот град на нашава држава.
„Оваа година со рекордната пријавеност од над 6 000 учесници од 46 земји ќе ги исполниме скопските улици со сите пријавени. Виз Ер Скопски маратон ќе се одржи на 11 мај, во недела, а како и секоја година ќе бидат реализирани трката на 5 км, полумаратонската трка и секако главната трка маратонот на 42 195 метри. Чувствувам големо задоволство што овој настан веќе е препознатлив на европската и на светската маратонска сцена, за што секако говори податокот дека секоја година сме домаќини на се поголем број афирмирани и етаблирани натпреварувачи од целиот свет. Годинава сме особено горди што имаме атрактивен промотор на Скопскиот маратон, а тоа е Вилсон Кипсанг, актуелниот светски шампион во маратонско трчање, кому од срце му благодарам и му пожелувам незаборавни моменти во нашиот град. Годинава имаме и нов генерален спонзор, Виз Ер, со чија помош е зголемен и наградниот фонд на маратонот, што секако игра огромна улога во организацијата на еден ваков настан. Оттаму, секако дека претставува гордост, но и огромна обврска, што Градот Скопје, заедно со Канцеларијата на Европската Унија во Македонија, Агенцијата за спорт и млади на Република Македонија и Сојузот на спортови на Скопје во соработка со Атлетската федерација на Република Македонија и атлетските клубови, успеаја да направат препознатлив настан на кој секоја година се пријавуваат се повеќе професионалци, рекреативци, граѓани, ученици од основните и средните училишта, пријатели на спортот и на позитивната енергија. За угледот и за реномето на Скопскиот маратон, исто така, говори податокот дека тој е важен и за исполнување на норми за учество на сите најзначајни европски и светски шампонати, како и за Олимписките игри. Ги повикувам граѓаните на Скопје, во недела, да излезат во што поголем број, да им пожелат добредојде и да им дадат силна поддршка на овие храбри спортисти и рекреативци, а сите заедно да се дружиме и да го прославиме и Денот на Европа на најубавиот можен начин,“ изјави градоначалникот Трајановски.
И годинава, за Скопскиот маратон Градот Скопје од својот буџет издвои 1.500.000,оо денари, потенцираше градоначалникот Трајановски и додаде дека Градот Скопје ги стави на располагање и сите јавни претпријатија под негова ингеренција, кои беспрекорно си ја вршат својата работа за маратонот да се одржи во најдобар ред.
Стартот на сите трки, во рамки на Виз ер Скопскиот маратон 2014 година што ќе се одржи во недела на 11 мај, ќе биде во 9 часот на Плоштадот Македонија, а пријавените натпреварувачи коишто до сега не ги подигнале стартните броеви, можат тоа да го сторат на пултот поставен на Плоштадот и во текот на утрешниот ден.