На местото на Универзална сала – парк и мала летна сцена

Градските власти решија да го осмислат просторот кај Универзална сала. Веќе е распишан конкурс за избор на идејно-архитектонско решение за мала отворена летна сцена со парк „Универзална“, на местото на постојната Универзална сала, простор кој е дел од Градска четврт 31 во Општина Центар и е определен со Деталниот урбанистички план „Буњаковец 2“.

Како што информираа од Градот, овој простор со Генералниот урбанистички план и со ДУП е со намена култура, па морало да биде ставена и мала летна сцена, додека останатото, целосно ќе биде парк.

-Летната сцена ќе биде со 150 седишта и ќе зафаќа површина од околу 400 квадратни метри, а останатото ќе биде парк – објасни Никола Наумовски, шеф на кабинетот на скопскиот градоначалник.

Тој вели дека Градот сè уште нема донесено одлука на која локација ќе се гради новиот објект на Универзална сала и дали воопшто ќе се дислоцира оттаму.

-Овој конкурс е распишан во случај доколку објектот на Универзална сала се гради на друга локација, за што е потребно време, на пример од три години, да имаме решение според кое би се осмислил просторот кај Универзална сала и би се уредил, зазеленил, наместо, за толкав период да гледаме како пропаѓа објектот. Тоа се процеси кои одат паралелно и траат долго време – истакна Наумовски.

Според условите наведени во конкурсот, дизајнот треба да се одликува со функционалност и применливост, односно да се дизајнира простор кој во естетска смисла ќе стане препознатлив белег на градот, односно ќе го облагороди просторот и со своите содржини ќе ги привлече граѓаните активно да го користат.

-Предложениот дизајн треба да одговори на потребите на граѓаните од станбената населба која се наоѓа околу локалитетот, но и на сите граѓани во Скопје, да ја зголеми вредноста на просторот и да се вклопи во околината. Пред сè, потребно е просторот да биде корисен, функционален и одржлив, што би се остварило преку очекувани оригинални, креативни и иновативни идеи – наведено е во конкурсот.

Освен тоа, за да се задржи духот на местото и овој простор да остане во колективната меморија на граѓаните, се препорачува авторите во своите конкурсни трудови да направат дизајн кој ќе има елементи на реминисценција на постојната Универзална сала или како опција дозволено е да се искористат делови од неа, како од надземните, така и од подземните делови на објектот, со што би  се искажала почит кон стариот објект.

Исто така, сите применети материјали, односно дизајнот во целост треба да се карактеризираат со трајност, квалитет и долговечност при експлоатацијата, лесно да се одржува и да е во согласност со најсовремените светски стандарди за ваков или сличен тип на објекти. Притоа, особено е потребно да се води сметка за употребливоста на планираното решение од страна на лица со посебни потреби.

Трудовите треба лично или по пошта да се достават до Архивата на Град Скопје, барака 1, на адреса булевар „Илинден“ број 82. Краен рок за доставување е 28.08.2020 година во 12 часот.

Трудовите ќе ги оценува жири-комисија, согласно програмските барања и услови од тендерската документација и ќе ги објави резултатите од конкурсот.

Трите најдобри решенија ќе бидат наградени. Првата награда е во нето износ од 180.000 денари, втората 120.000 денари и третата награда е во износ од 60.000 денари.