На Мијалков ќе му се суди за „Тортура“

Апелацискиот суд во Скопје ја прифати жалбата на СЈО и одлучи и Сашо Мијалков како поранешен директор на УБК да одговара во предметот „Тортура“, во кој се товари дека нарачал нечовечко и сурово однесување при апсењето на лидерот на партијата „Обединети за Македонија“ Љубе Бошкоски. Освен Мијалков, за случајот се обвинети и шестмина припадници на единицата „Алфа“.

СЈО првично го обвини Мијалков, но Кривичниот судот одлучи да им се суди само на шестемината полицајци.
Судијката која работеше на оценка на обвинителниот акт во претходната фаза од постапката, одлучи да го изземе Мијалков од кривичен прогон, по што Специјалното обвинителство поднесе жалба до повисокиот суд.

Во меѓувреме беше одржано рочиште на кое се појавија само обвинетите полицајци, но судењето беше одложено бидејќи се чекаше одлука на Апелацискиот суд во врска со жалбата на СЈО.

Судскиот процес треба да почне на 23 март, а единствен оштетен е Бошкоски кој беше уапсен ден по парламентарните избори во 2011 година.