-На утврдување на минималната пензија се работи, но до крајот на месецот, не се очекува решение, изјави министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, по посетата на Домот на културата во Ѓорче Петров денес и додаде дека дека за минималната пензија ќе треба да се почека.
„Се работи на едно системско решение за предлог-одредби за утврдување минимална пензија. Не очекувам дека многу бргу, дека до крајот на овој месец, ќе се донесе некакво решение затоа што тоа сепак е едно комплексно прашање“, рече министерката Тренчевска.
За разлика од утврдувањето на минимална пензија, пензионерите со минимални пензии и ранливите категории нема многу да чекаат за новите мерки за помош. Министерката Тренчевска очекува до крајот на неделата да бидат донесени од Владата. Рече дека со нив ќе бидат опфатени поголем број пензионери и граѓани од ранливите категории, но не сака да каже детали сѐ додека не биде објавена одлука. Извесно е дека граѓаните што ќе бидат опфатени со новите мерки ќе добиваат месечна поддршка, а колку време ќе прецизира Владата.