Даночните пријави што минале низ системот на Управата за јавни приходи покажуваат дека најмладиот милионер во Македонија во 2021 година имал осум години.
„Во категоријата најмлад и највозрасен милионер, лице кое во 2021 година било на осумгодишна возраст, остварило доход од 1 020 508 денари по основа на семејна пензија, а лице на 96 години остварило доход во износ од 1,2 милион денари. Кај двете лица најголемиот приход е остварен по основз на пензија“рече денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска, изнесувајќи ги резултатите од анализата на годишните даночни пријави за 2021 година.
Во 2021 година зголемен е бројот на граѓани, односно 25 граѓани оствариле приход над 100 000 000 денари, а 757 граѓани од 10 до 100 милиони денари.
„На врвот на листата со пријавен бруто-годишен доход од 244,2 милиони денари за 2021 година е граѓанин од Скопје, најголем дел од примања се од плата и дополнителни примања од странство по основа на други лични примања. Највисоката годишна бруто-плата во 2021 година исплатена е кај граѓанин од Скопје. Платата е остварена во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 122, 3 милиони денари“рече Лукаревска.
Таа додаде дека на листата на највисоко рангирани бруто-плати се и платите исплатени во производство на метални производи, одгледување свињи, болници, трговија со фармацевтски производи, управувачки дејности компјутерско програмирање.
„Највисокото лично примање по основа на извршена работа изнесува 121,8 милиони денари на годишно ниво, доходот е остварен во странство. Граѓани од Скопје во 2021 година ја остварил и највисоката капитална добивка во износ од 130,1 милиони денари од продажба на сопственички удел, додека највисоката исплатена дивиденда во износ од 203 милиони денари е исплатена на граѓанин на Велес, од исплатувач чија дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна, пијалаци и тутун“додаде таа.
На врвот на листата за остварување доход од самостојно вршење дејност повторно се скопјани.
„Највисокиот износ е 102,4 милиони денари. Во десетте топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија, трговија на мало со делови на моторни возила, малтерисување и производители на амбалажа од хартија. Жител на Ресен со 12,6 милиони денари остварил највисок доход од продажба на земјоделски производи“рече директорката на УЈП.
Според анализите на УЈП, скопјанец во 2021 година остварил највисок бруто-доход од закуп и подзакуп на имот издавање на земјиште, станови, деловни простории, превозни средства и друг вид на имот кој изнесува 37 милиони денари.
„Скопјанец е прворангиран и за остварен бруто-доход од авторски права и други стварни права во износ од 22 милиони денари. По основа на право од индустриска сопственост, исто така, е граѓанин на Скопје кој остварил бруто доход од 5,5 милиони денари“, рече Лукаревска.
По основа на игри на среќа, Лукаревска рече дека на жител на Скопје му се исплатени 41,1 милион денари од Државната лотарија, а второрангираниот во оваа категорија, кој исто така е од Скопје, остварил добивка од игри на среќа, главно од обложувачници во износ од 31,3 милион денари.
„Најбогат пензионер е скопјанец со пријавена странска пензија во износ од 5,8 милион денари на годишно ниво. Највисок годишен бруто-доход по основа на уплатени премии и исплатена осигурена сума во износ од 2,9 милион денари остварило лице од Тетово“нагласи таа.
Директорката Лукаревска најави дека деновиве почнуваат со генерирање на даночните пријави за 2022 година и апелираше граѓаните да ги потврдат и да ги коригираат.