Најмоќните земји во Европа се во канџите на коронавирусот, се уриваат рекорди

Некои европски земји бележат рекорден број на новозаразени со коронавирусот, и покрај силните повици за вакцинација.

Во последните 24 часа во Италија е забележан рекорден број од 44.959 нови случаи на заразени со ковид-19, што е рекорд од почетокот на пандемијата.

Претходно, најголем број заразени во еден ден беше забележан на 13 ноември 2020 година, кога беа регистрирани 36.293 заразени со ковид-19.

Италијанската влада размислува да воведе нови рестриктивни мерки покрај постојните

Заедно со владините и медицинските мерки за спречување на ширењето на вирусот, детално спроведување и почитување на правилата се спроведуваат низ цела Италија.

Специјалното полициско одделение открило повеќе од 300 невакцинирани лекари, кои работеле, иако според владината одлука, имунизацијата е задолжителна за медицинските работници од 15 октомври.

Се проверуваат и патниците во градскиот сообраќај, а полицијата ја проверува и „зелената пропусница“ на патниците на градските постојки.

Во Трст, каде пристанишните работници два месеци протестираат против воведувањето на сертификат за вакцинација, ситуацијата се влошува, бидејќи 30 отсто од вработените се заразени, а третина сè уште одбиваат да бидат имунизирани.

Поради тоа, загубите на пристаништето во Трст, според локалниот весник „Ил Пиколо“, се мултимилионски.

Франција

Во Франција во изминатите 24 часа се регистрирани рекордни 91.608 случаи на коронавирус, покажуваат денешните податоци на Министерството за здравство, што е најголем број новозаразени во земјата од почетокот на пандемијата.

Податоците на Министерството за здравство покажаа и дека Франција регистрирала уште 179 смртни случаи, додека бројот на заразени пациенти на одделенијата за интензивна нега достигна 3.208, што е за 61 повеќе од претходниот ден.

Претседателот Емануел Макрон се надева дека кампањата за зајакнување на имунизацијата со доза вакцина против коронавирус ќе помогне да се спречи петтиот бран на пандемијата што ја погоди земјата.

Обединето Кралство

Во изминатите 24 часа, во Велика Британија се регистрирани рекордни 119.789 случаи на коронавирус и 147 смртни случаи.

Според Гардијан, денешниот број на новозаразени е зголемен за 139 отсто во споредба со 50.023 случаи пред две недели.

Уште 147 лица, наводно, починале, во споредба со 146 смртни случаи во минатата недела.

Британскиот министер за здравство Саџид Џавид претходно денеска изјави дека нема да бидат воведени нови рестриктивни мерки во земјата пред Божиќ, и покрај тоа што во средата се регистрирани повеќе од 100.000 новозаразени лица за прв пат од почетокот на пандемијата.