По неодамнешното откритие на фосилни остатоци од гигантски праисториски папагал со големина на половина човек, новозеландската збирка од големи древни живтони се зголеми по откривањето на фосилизираните останки на праисториски пингвин кој бил со големина приближна на човечката.
Според фосилните остатоци, научниците заклучуваат дека пингвинот бил висок околу 160 сантиметри и тежок околу 80 килограми, а откриен е минатата година на новозеландскиот Јужен остров, извести во средата управата на музејот Кантербери од Крисчрч. Денес најголемиот сој пингвини е царскиот пигнвин кој може да достигне височина од 130 сантиметри и тежина до 23 килограми.
„Станува збор за еден од најголемите досега откриени видови пингвини“, изјавил за новинарите кустосот на музејот, Пол Скофилд, додавајќи дека овој вид бил карактеристичен за водите во јужната хемисфера.
Животното, коешто живеело пред 66 и 56 милиони години, научниците ќе го додадат на списокот гигантски изумрени видови во новозеландската фауна. Ма него веќе се наоѓаат џиновскиот папагал, гигантскиот орел, големиот лилјак и моа – птицата висока околу 3,6 метри.
Не е потполно јасно поради што гигантските пингвини исчезнале од водите на јужната хемисфера. Според една теорија, тоа се случило поради сѐ поголемиот број морски цицачи. Други научници, пак, веруваат дека пингвините достигнале толкава височина и тежина бидејќи исчезнале од океаните приближно во исто време кога исчезнале и диносаурусите. Според нив, на Антарктик и на Нов Зеланд немало големи конкуренти во морето сѐ до доаѓањето на забестите китови и тулјаните кои се појавиле многу подоцна. Поради тоа, изумирањето на гигантските пингвини е поврзано со растот на бројот на овие видови, но околу точните причини за нивното исчезнување сѐ уште се водат полемики.
Откако минатата 2018 година фосилни остатоци од џиновски пингвин откри палеонтолог аматер, членовите на стручниот тим на музејот Кантербери и Природонаучниот музеј Шенкенберг од Франкфурт ги анализирале неговите коски и заклучиле дека му припаѓаат на досега непознатиот пингвински сој „Crossvallia waiparensis“. Најблискиот познат роднина на овој вид е „Crossvallia unienwillia“, вид кој живеел приближно во ист период, и е идентификуван од делот на фосилизираниот скелет откриен во 2000 година во антарктичката долина Крос.
Скофилд вели дека откривањето на овие тесно поврзани пингвински видови на Нов Зеланд и на Антарктик упатува и на поврзаноста на овие две области од планетата. Во времето кога живеел гигантскиот пингвин, Нов Зеланд сѐ уште бил дека од Австралија, за која се смета, пак, дека била поврзана со Антарктик.
„Во времето кога живеел видот Кросвалиа, Нов Зеланд и Антарктик биле потполно поинакви отколку денес, Имено, Антарктик тогаш бил прекриен со шума, а во двете области владеела многу потопла клима“, појаснува.
Коските од нозете на новиот вид пингвин се откриени минатата година на локација во северен Кантербери и од тогаш ги анализира меѓународен тим научници. Скофилд вели дека локацијата е „многу уникатна, бидејќи коритото на реката е врежано во карпата“. Научниците на оваа локација откриваат фосили уште од осумдесеттите години од минатиот век, а за бројните откритија, како ова последното, заслужни се палеонтолозите аматери.