На објавувањето криминал не може да се гледа етнички, тие што злоупотребуваат политика за лично богатење се и антиалбанци и антимакедонци, вели Мицкоски

-Луѓето во политиката треба да бидат свесни дека основано сомневање за криминал не може да биде процес кој ние етнички ќе го гледаме, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговори на новинарско прашање дали скандалите поврзани со ДУИ кои ги објавува ВМРО-ДПМНЕ се навистина за сторен криминал или само за политика.

„Тие што се занимаваат со тој политички криминал се и антиалбанци и антимакедонци и антиграѓани во Македонија и тоа е лошо, бидејќи гледате на сите мерења криминалот во Македонија, поготово оној политичкиот, е на највисоко ниво. Јас сум многу сериозен кога зборувам дека многу сериозно ќе се впуштиме во борба со криминалот и корупцијата посебно на политичарите, затоа што очигледно дека перцепцијата на граѓаните за политичарите е многу лоша. Сите мислат дека луѓето што се занимаваат со политика се или корумпирани или се криминогени. Тоа мора да се смени затоа што не се сите исти и затоа веднаш. По преземањето на Владата, ВМРО-ДПМНЕ има план како веднаш да се впушти во немилосрдна битка со овие луѓе во политиката на кои основна дејност не им е политика и развој на Македонија туку богатење, себепромоција“, истакна Мицкоски.

Тој потенцираше дека објавувањето на скандали е исклучиво од криминална природа кој допрва ќе следи и ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори со криминалот и покрај информациите кои што стигнуваат од засегнатите дека поседувале судии и обвинители преку кои ќе вршеле притисок.

„Во последно време од тие кои се нападнати до нас доаѓаат информации дека поседуваат обвинители, судии и дека сега ќе ги засилеле оние судски процеси, ќе имало хајка во обвинителството и судството. Нека повелат. Организацијата никој не ја уништил. Стоиме на располагање и ако е грев што се бориме со криминалците, ќе одиме до крај и ајде да видиме кој ќе победи“, додаде Мицкоски.