На охридскиот аеродром пристигнаа првите патници од Базел

На охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ вечерва пристигнаа околу 180 патници од Базел со првиот лет од новата директна линија Базел-Охрид-Базел со авиокомпанијата „Визер“, пренесува МИА.

Добредојде на првите патници им посакаа директорот на ТАВ Македонија Зоран Крстевски и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Линијата, како што информира Крстевски на прес-конференција по слетувањето на авионот, ќе се обраќа преку целата година, два пати неделно, во среда и недела.

– Со тоа ќе овозможиме подолгорочен прием на патници како од Македонија, така и од соседните земји, но и патници што од различни причини ќе доаѓаат во Македонија, почнувајќи од туристички, за бизнис и нашите печалбари кои живеат и работат во Швајцарија и околните земји, рече Крстевски.

Сезоната ја оцени како успешна за ТАВ Македонија. – Во првите пет месеци бележиме пораст на сообраќајот од 17,2 проценти, споредено со минатата година. Со новите линии, кои пред неколку дена ги промовиравме во Скопје, очекуваме во втората половина на годината тој процент да биде зголемен, изјави Крстевски, со ветување дека ТАВ Македонија ќе продолжи со афирмација на охридскиот аеродром и дестинацијата Охрид – Струга со цел и други авиокомпании да бидат присутни на нашиот пазар.

Охридскиот градоначалник изрази надеж дека авио линијата за Базел и неодамна воспоставената за Лондон ќе претставуваат ново поглавје за развојот на целиот регион, не само од Охрид и Струга, туку и сите градови што гравитираат кон овој аеродром во насока на подигање на локалниот економски раст, но и за развојот на туризмот што е и основен приоритет за нас.

– Локалната самоуправа и Владата нема да застанат тука. Трендот на зголемување на бројот на летови кон скопскиот и охридскиот аеродром ќе продолжи во иднина, истакна Бакрачески.

Враќањето за Базел беше реализирано, кратко по слетувањето, за каде заминаа над 130 патници.