Со неверојатни мерки на безбедност, аргентинската полиција го обезбедуваше возилото во кое беше ковчегот на Марадона, а навивачите го блокираа влезот на гробиштата во Бела Виста.
Од 8 до 16. часот по аргентинско време, сите можеа да му оддадат последна почит на Марадона во Претседателската палата каде се собраа околу милион луѓе, а патот од палатата до гробиштата траеше неколку часа.
Полицијата неколку пати мораше да интервенира, а на погребот присуствуваа околу 200 луѓе, најблиското семејство и пријателите меѓу кои беа неговите соиграчи од аргентинската репрезентација од 1986 година кога станаа светски шампиони.
На погребот присуствуваа поранешната сопруга Клаудија, но влезот не и беше дозволен на последната девојка на Марадона, Росио Олива.
– Одлуката ја донела Клаудија, не знам зашто ми го направија ова. Се што сакав е да му кажам збогум на Диего. Му бев последна девојка, имам право како и сите останати да се простам од него. Требаше повеќе да мислат на Диего кој повеќе не е меѓу нас. Бог гледа се, и ќе плати за ова – изјави Олива со солзи во очите.
На неа не и беше дозволено да влезе дури и во Претседателската палата.
Клаудија не беше единствена поранешна сопруга на Марадона која присуствуваше на погребот, тука беше и Вероника, а од најтесното семејство не беше присутен само Диего Јуниор од Неапол бидејќи е позитивен на коронавирус.