![orban porfirij](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/orban-porfirij.jpg?resize=658%2C494&ssl=1)
Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Профириј, во понеделникот во Будимпешта му го врачи највисокото одликување на СПЦ – орденот на Свети Сава од прв ред, на унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговиот придонес на христијанските вредности и добрите односи меѓу двата народа.
Одликувањето на унгарскиот челник му е доделено „во знак на благодарноста за поттикнувањето на традиционалните христијански вредности, поддршката на Епархијата будимска на СПЦ и исклучителниот личен придонес во јакнењето на пријателството на двата народа“, се наведува во соопштението на српската црква.
При доделувањето на одликувањето во седиштето на унгарската влада, патријархот Порфириј оценил дека „благодарејќи на заземањето“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан и српскиот претседател Александар Вучиќ односите меѓу двата народа „денес се веројатно најдобри во последните неколку векови“. Порфириј, исто така, ја истакнал помошта и поддршката којашто Унгарија ѝ ја дава на Српската православна епархија будимска и на српските образовни и културни институции во земјата.
„Во современиот свет соочен со нови вредносни системи, кои неретко агресивно глобално се наметнуваат за да се урне секој постоен природен и цивилизациски поредок, унгарскиот премиер се залага за христијански систем на вредности кој извира од Евангелието“, рекол Порфириј истакнувајќи дека тоа се вредности кои ги „красат двата народа, но и довчерашната Европа во целина“.,
Орбан рекол дека во тек е „битка за душата на Европа, којашто не возможно е да биде добиена без православните браќа“.
„Сакаме мир, а се наоѓаме среде војна, а тоа е битка за душата на Европа којашто не можеме да ја добиеме без единство на христијаните и со нашите православни браќа“, истакнал унгарскиот премиер.
Владата на Орбан е во континуирана конфронтација со бирократизираните институции на Европската унија која ги наметнува неолибералните вредности а којашто одби да го вброи христијанството како еден од темелите на Европа. Брисел го обвинува унгарскиот суверенистички премиер за наводен „авторитарен стил на владеење“, отстапување од „европските практики“, како и поради посебниот однос на Унгарија со Русија во врска со санкциите на ЕУ против Москва поради војната во Украина.