Од пријавени 50 партии, на претстојните парламентарни избори во Грција на 21 мај, ќе учествуваат 36, согласно одлуките од Врховниот суд, надлежен да ги разгледа доставените кандидатури, јави дописничката на МИА од Атина.
На изборите ќе учествуваат 27 партии, осум коалиции и еден самостоен кандидат.
Меѓу партиите кои не добија зелено светло од Врховниот суд е и Национална партија –Грци на осудениот поранешен пратеник од Златна зора, Илиас Касидиарис.
Како што вчера објави МИА, Врховниот суд, со мнозинство девет наспроти еден глас, ја отфрли кандидатурата на конкретната партија и било одлучено дека не ги исполнува потребните услови и критериуми за учество на изборите.
Во образложението објавено денеска надлежниот суд детално се осврнува на активностите на Златна зора и на позициите на Касидиарис, пишува дека е осуден за кривично дело криминална организација, со што му се забранува учество во изборниот процес, а во исто време со аргументи се нагласува дека самиот Касидиарис е вистинскиот лидер на неговата партија.
-„Националната партија Грци“, чијшто вистински лидер е Илиас Касидиарис и кандидат за пратеник, поттикнува употреба на насилство, промовира политика која не ја почитува демократијата и цели кон слабеење и уништување на демократската држава и институциите на владеењето на правото, особено со употреба на насилство или поттикнување насилство или негово оправдување, промовирање на тоталитарни идеологии, ширење на расистички и нетолерантни идеи и ксенофобија, одобрување на злосторства против хуманост, омраза кон личности и групи, постапки и декларации кои го загрозуваат мирниот соживот на општествените групи во земјата, пишува во образложението на Врховниот суд за одлуката, партијата да не учествува на изборите.
Одлуката е согласно изгласаниот закон и дополнителен амандман во грчкиот Парламент со кои се предвидува забрана за учеството на изборите на партија чиј претседател, генерален секретар или вистински лидер е осуден за криминално дело.
Касидиарис, кој моментално е во затвор, во периодот од 2012 до 2019 година беше пратеник од Златна зора, а во октомври 2020 година беше осуден на затворска казна од 13 година и шест месеци поради формирање криминална организација
Партијата според истражувањата на јавното мислење во Грција, добива доволен рејтинг за да го помине неопходниот изборен праг од три отсто и да обезбеди место во Парламентот, меѓутоа со одлуката на Врховниот суд партијата не доби зелено светло за учество на изборите на 21 мај.
Првично, за лидер на партијата беше назначен поранешниот заменик- обвинител од Врховниот суд Анастасиос Канелопулос, за да се избегне законот и забраната за учество на изборите, меѓутоа подоцна, Канелопулос, сепак одлучи да достави кандидатура со неговата партија ЕАН, кандидатура која беше одобрена.