Изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков, во кој тој посочи дека руски агенти работат против Договорот за добрососедство и подобрувањето на билатералните односи на Бугарија со Македонија, предизвика големо внимание во нашата јавност. Многумина се прашуваат дали отежнатите реалиции меѓу Скопје и Софија, се всушност резултат на руските тајни служби.
Претседателот Стево Пендаровски, во изјавата за ТВ Телма го објасни неодамнешното протерување на руски дипломати од Македонија, но се осврна и на изјавата на бугарскиот премиер.
– За тие петмина руски дипломати, изјавивме дека излегле од статусот со кој се имаат пријавено кога дошле кај нас, значи не биле дипломати. Не можам да влегувам до детали тоа се разузнавачки детали, но тие работеле надвор од тоа што го пропишува Виенската конвенција. Меѓутоа изјавата на Петков не можам да ја коментирам бидејќи е заснована на информациите на бугарските институции и бугарските служби. Но, бидејќи се работи за актуелен премиер на Бугарија, треба да му се верува – вели Пендаровски.
Претходно од кабинетот на претседателот нè известија дека тој е правовремено информиран за сите разузнавачки информации, поврзани со безбедносната ситуација во Македонија.
– Претседателот Пендаровски како дел од државниот врв, редовно е информиран од страна на надлежните институции за безбедносната состојба и можни активности на домашни и надворешни актери кои се спротивни од стратешките интереси на Северна Македонија. Како НАТО членка, на земјава сега и се достапни и капацитетите на сојузниците за редовно информирање и реагирање при такви активности, кои најчесто се придружени со дезинформации и хибридни закани. Нашата евро-атлантска ориентација е уште поважна во сегашниот контекст, на огромни геополитички тензии и воени конфликти, a членството во НАТО претставува важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија – посочија од кабинетот на претседателот.
На слична линија со Петков, е и поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска која неодамна изјави дека бугарското вето е поттикнато од силното руско влијание во Бугарија. Според неа, ниеден Бугарин кој се смета за јавна личност, не изегол во јавноста да каже дека на Македонија треба да ѝ биде ставено вето.
Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА, објавено пред неколку дена изјави дека постојат и трети држави коишто не сакаат да ја видат Република Македонија како дел од ЕУ и коишто финансираат различни групи па и политички партии.
– Ние имаме политички партии со антиевропска и анти-НАТО определба коишто се класично популистички во државата, никогаш не предложиле една остварлива мерка, меѓутоа се потхранети од едни такви центри надвор од државата и коишто со такво финансирање успеваат да креираат одредено јавно мислење коешто е спротивно на стратешките определби на доминантниот дел на населението и спротивно на сите владини партнери, а тоа е полноправно членство во Европа – посочи премиерот.
Се обидовме да добиеме подетален одговор од премиерот, односно да дознаеме конкретно кои политички партии се финансирани од странство, односно од земји кои не сакаат Македонија да а видат во ЕУ. Сепак, на прашањето на Плусинфо, од Владата одбија да дадат одговор, со образложение дека нема што повеќе да се додаде, бидејќи сè било кажано во интервјуто за МИА.