Собранието на Република Македонија, според одлуката што ја донесоа пратениците на 18 јануари, вечер на полноќ трeбa да се распушти со цел одржување предверемни парламентарни избори на 24 април, согласно договорот од Пржино.
По заедничкото соопштение на ЕУ и САД дека нема услови за избори на 24-ти април, сеуште нема формална иницијатива до Собранието за промена на одлуката за самосраспуштање. До синоќа ниту една од пратеничките групи немаше поднесено барање за менување на одлуката.
ЕУ и САД во неделата преку заедничко соопштение ја изнесоа нивната оценка дека „иако одреден напредок е постигнат, неопходните услови за организирање на веродостојни избори на 24 април, во моментов не се исполнети“. Американскиот амбасадор Џес Бејли изјави дека, сепак, одлуката за датумот на одржување на изборите е на Собранието на Република Македонија.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вчера се изјасни дека не е точно дека нема услови за одржување фер и демократски избори во земјатa, оти не постои подготвеност кај СДСМ да излезе на избори, затоа што е свесна дека ќе ги загуби, но и дека поради тој страв на опозициската партија ќе се пролонгира кризата во земјата.
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и министер за здтавство Никола Тодоров синоќа во интервју за телевизија „Сител“ рече дека до тој момент одлуката на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е изборите да се одржат на 24 април.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, вчера го повтори ставот дека не треба да има избори на 24 –ти април бидејќи нема услови. Според опозициската партија, претходно потребно е прочистување на избирачкиот список и реформи во медиумите.