На полноќ ноќеска истекува рокот политичките партии до Државната изборна комисија (ДИК) за да ги достават кандидатурите за претседателските избори закажани за 13-ти април.
Кандидатите за кои граѓаните ќе може да гласаат на 13-ти април се веќе познати и потврдени од партии – актуелниот претседател Ѓорге Иванов од ВМРО ДПМНЕ, Илијаз Халими од ДПА, Зоран Поповски од ГРОМ и Стево Пендаровски од СДСМ.
Своите кандидатури до ДИК веќе ги доставија Иванов, Поповски и Халими. Од Социјалдемократскиот сојуз најавија дека Пендаровски денеска напладне ќе ја достави својата кандидатура.
Претставници на ВМРО-ДПМНЕ вчера напладне ја поднесоа кандидатурата за Иванов поддржана со над 63 илјади потписи од граѓани, како и со потписи од пратеничката група на коалицијата За подобра Македонија. Вчера до ДИК беше поднесена и кандидатурата на Илијаз Халими од ДПА, поддржана од 10 илјади граѓани. Кандидатурата за Зоран Поповски од ГРОМ со поддршка од 10 илјади потписи е поднесена завчера.
Жрепката за утврдување на листата на кандидати за претседател ДИК ќе да ја одржи во понеделник на 17 март. Еден ден подоцна листата треба да биде објавена во Службен весник на Република Македонија.