На Попова Шапка најстудено и најмногу снег

Во Берово и на Попова Шапка утрово е најстудено, минус четири степени, а најтопло е во Дојран, пет степени.

Како што соопшти УХМР, до 7:30 часот минус три степени се измерени во Битола, Тетово, Крушево и Маврови Анови, минус два степени во Скопје-Петровец, Прилеп, Струмица, Охрид, Демир Капија, минус еден во Штип, Крива Паланка, Кавадарци. Нула степени се измерени во Велес, Претор, Виница, еден во Дебар и два степени во Гевгелија.

Најмногу снег во изминатите 24 часа е наврнат на Попова Шапка, шест сантиметри, а во Крушево, три сантиметри.

Според УХМР, најмногу дожд во изминатото деноноќие наврна во Дебар – шест литри на квадратен метар, три во Охрид и Претор, два во Крушево и еден литар на квадратен метар во Битола и во Маврови Анови.

Во првата половина од ноќта беше променливо облачно, во западните и југозападните делови со локални слаби врнежи од дожд, а на планините со слаб локален снег. Во втората половина од ноќта облачноста се намали и дуваше слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Утрово преовладува сончево време, а по одделни котлини има појава на магла.

Во утринските часови по одделни котлини ќе има појава на магла или ниска облачност. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала облачност, а кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Во ноќните часови ќе има услови за слаб локален дожд. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.

Во Скопје сончево, попладне со мала до умерена облачност. Во ноќните часови ќе биде значително облачно со услови за слаб дожд. Максималната температура ќе достигне 8 степени.