На повидок е кавга во српскиот државен врв?

Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави дека нема да ја поддржи номинацијата на премиерот Ивица Дачиќ за Нобелова награда за мир, бидејќи тој е номиниран заедно со косовскиот премиер Хашим Тачи, кој е осомничен за воени злосторства против Србите, пренесе Хина.

„На меѓународната сцена, од ОН до Советот на Европа, продолжувам да зборувам за злосторствата против Србите во Косово и основаните сомненија дека тие се организирани од Тачи,“ изјави Николиќ во интервју за весникот „Вечерње новости“.

Николиќ потсетува дека Тачи бил осомничен како одговорен или за учество во грабнувања, убиства и недозволена трговија со органи на косовски Срби за време на српско-албанскиот вооружен конфликт во Косово на крајот на деведесетите години.

Според него, номинацијата за Нобеловата награда за мир може да ја запре истрагата против Тачи.

Српското и албанското лоби во американскиот Конгрес испратија писмо до Нобеловиот комитет, номинирајќи ги Ивица Дачиќ, Хашим Тачи и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон за Нобелова награда за мир заради нивниот придонес за постигнатата спогодба за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, со посредничка улога на ЕУ.

Коментирајќи ја веста за номинацијата, Дачиќ шеговито изјави дека повеќе би сакал да биде номиниран за Нобелова награда за мир отколку за Хаг (во трибуналот), додека Тачи изјави дека е почестен од номинацијата, но граѓаните на Косово многу повеќе го заслужуваат ова признание од сите останати.