Вицепремиерот и Министер за финансии, Зоран Ставрески посочи дека американските компании во континуитет покажуваат интерес за инвестирање во Република Македонија и додаде дека самото тоа што имаме неколку успешни инвестиции од Америка покажува дека тоа е пазарот на кој треба да останеме фокусирани и во иднина.
Според него, тоа го покажува и присуството на неколкуте успешни инвестиции од Америка во Република Македонија.
– Би ги спомнал само Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Амфенол и други фирми кои што веќе имаат база во Република Македонија и веќе вработија луѓе и не само тоа туку задоволни од условите што ги имаат во Македонија се одлучија за изградба на втора фабрика како што е случајот со Џонсон Контролс кој што уште во 2007 година ја направи првата инвестиција, а четири до пет години подоцна во Штип каде што имаат 1.300 лица вработено, а ќе стигнат до 1.500, изјави Ставрески.
Тој откри и дел од плановите на Кемет Електроникс, фирма која веќе инвестираше и добро работи во Македонија и која планира да ја префрли базата за услуги од Европа во Македонија.
– Кемет електроникс достигнаа околу 250 вработувања во Република Македонија, а неодамна ни соопштија дека ја префрлаат базата за услуги од Европа во Македонија што се нови 25 вработувања со можност понатаму да стигнат и до повеќе вработувања. Сето тоа покажува дека треба да останеме фокусирани на американскиот пазар, да продолжиме со бизнис форуми тука во САД и да настојуваме да донесеме нови фирми, истакна Ставрески.
Тој посочи дека постојат добри шанси врз основа на позитивните искуства на досегашните инвеститори како и врз основа на интересот кој се гледа во САД на бизнис форумите да дојде до нови американски инвестиции во државата.