На граничниот премин Ќафасан, на македонско–албанската граница кај Струга, последните денови за влез и излез од албанска територија се регистрираат по повеќе од десет илјади патници, објави телевизијата Top Channel.
„Најголем дел од патниците кои доаѓаат во Албанија се туристи кои одат на албанското крајбрежје за да го поминат својот летен одмор. И покрај големата фреквенција преминувањето на границата се одвива без задржување. Туристите кои доаѓаат се од Северна Македонија, но и од различни европски земји“, наведува телевизијата.
Во прилогот се оценува дека за разлика од првите денови на месецов, од кога почна да функционира заедничко управување на граничните и царинските контроли со едно застанување, кога имаше подолго задржување, сега тоа е надминато што го потврдуваат и туристите.
„Доаѓаме на одмор во Албанија. Ќе останеме една недела. Без проблеми ја минавме границата, не се задржавме ни пет минути“ вели за телевизијата турист.
Во последните 24 часа преку овој премин за влез на албанска територија регистрирани се 5.700 додека за излез 4.800 лица.
На двете страни функционираат по три шалтери, што е доволно за да се справат со зголемениот бран на патници и возила. Од почетокот на овој месец на преминот регистрирани се над 100 илјади патници на влез во и излез од албанска територија.