Саудискиот нафтен гигант „Saudi Aramco“ потвди во неделата дека излегува на берзата во Ријад – Tadawul, што би можело да стане најголемата јавна понуда на акциите на некоја компанија во историјата.
Команијата којашто е во државна сопственост ќе ја утврди цената на акцијата, откако ќе го испита интересот на инвеститорите.
Се верува дека најпрофитабилната компанија на светот во моментов чини околу 1,2 трилиони американски долари.
Нето-добивката на компанијата во првите девет месеци од 2019 година изнесувала 68 милијарди долари, а приходите се на ниво од 244 милијарди долари, додека во слободен проток располага со готовина од 59 милијарди долари. На 1-ви ноември Управниот одбор одобри исплата на дивидендата на обичните акции во износ од 13,4 милијарди долари, соопштија од „Aramco“. Истовремено, се наведува дека компанијата може дополнително да објави привремени дивиденди во износ од 9,5 милијарди долари.
Иницијалната понуда на акциите (IPO) би требало да го поткрепи амбициозниот план на саудискиот престолонаследник принцот Мохамед бин Салман, кој сака да формира буџет во милијарди долари за вложувања во не-енергетските индустрии и да ги диверзифицира државните приходи.
Извори од деловниот свет сметаат дека „Aramco“ ќе понуди еден до два отсто од акциите на локалната берза во Ријад, со што би собрала меѓу 20 и 40 милијарди долари. Секоја сума над 25 милијарди долари би ја надминала досега рекордната иницијална јавна понуда на кинескиот интернер продавач „Alibaba“ од 2014 година.
Во компанијата велат дека засега не планираат појавување на некоја странска берза. „Кога станува збор за тоа, ќе го објавиме во вистинско време. Засега излегуваме само на Tadawul (ријадската берза)“, изјави директорот на „Aramco“, Јасир ал-Румаијан. Водството на компанијата следните десетина дена ќе разговара со инвеститорите, ќе види каков е нивниот интерес и потоа ќе ја објави цената на својата акција, додаде.
Почетоците на „Saudi Aramco“ датираат од 1933 година, кога Саудиска Арабија и американската „Standard Oil Company of California“, којашто подоцна стана „Chevron“, основаа компанија за истражување и дупчења во потрага по нафта. Во периодот меѓу 1973 и 1980 година Саудиска Арабија стана сопственик на целата компанија.
Саудиска Арабија ги има најголемите потврдени резерви на нафта во светот, зад Венецуела. Втора е во моментов и според производството на нафта, зад САД. Меѓутоа, моќта на компанијата произлегува од тоа што е монополист во државата и што дупчењата се евтини.
Профитабилноста на „ Saudi Aramco“ е феноменална. Во првата половина од 2019 година остварила нето профит од 46,9 милијарди долари кои низ диведента се исплаќаат на саудиската држава. За споредба, во истиот период „Apple“, во моментов највредната компанија во светот, оставрила профит од 21,6 милијарди долари, а „Exxon Mobil“, најголемата нафтена компанија на берзите – 5,5 милијарди долари.