На протестот во Црна Гора потпишан Договор за иднината

Претставниците на граѓанската иницијатива „Спротистави се“ и сите парламентарни опозициски партии во Црна Гора потпишаа во саботата вечерта на протестот во Подгорица „Договор за иднината“ во кој бараат оставки од челниците на државните и правосудните власти и составување техничка влада.

Главното барање во „Договорот за иднината“ е оставката на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и носителите на извршната и судската власт во земјата. Пописниците бараат воспоставување влада на граѓанското единство на паритетна основа, која би ја сочинувале третина од претставниците на актуелната власт, третина од опозицијата и третина од претставници на невладиниот сектори и угледни интелектуалци.

Црногорска опозиција и организаторите на протестите кои вечерва се одржаа по седми пат и минаа без инциденти, се обврзаа дека ќе ги бојкотираат сите избори сѐ додека не се исполнат нивните барања. Откако договорот бил потпишан, протестот на кој се собрале повеќе илјади луѓе, продолжил со шетање по улиците на Подгорица.

Во текот на протестот, јавуваат локалните медиуми, на централниот подгорички плоштад била ставена кутија за собирање помош за семејството на Игор Томкиќ од Беране, кој последните месеци е цел на инциденти предизвикани од неговите сограѓани бидејќи е Хрват. Тој овој месец бил претепан и му бил запален дуќанот.

Граѓанските протести во Црна Гора ги поттикна во јануари годинава тајкунот које во егзил во Лондон, Душко Кнежевиќ, кој објави снмимки како дава коверт со стотици илјади евра на поранешниот градоначалник на Подгорица, Славољуб Стијеповиќ, кој е многу близок соработник на претседателот Ѓукановиќ. Кнежевиќ тврди дека тоа е само дел од парите во износ од неколку милиони евра кои ги дал на владејачката Демократска партија на социјалистите во последните 20 години.