На првиот ден од Форумот во Давос, Oxfam повикува на „укинување“ на милијардерите

Секој милијардер е неуспех на јавната политика, истакнува невладината организација Oxfam во извештајот објавен по повод почнувањето на годинешново издание на Светскиот економски форум (WEF) во швајцарскиот монденски туристички центар Давос во понеделникот, повикувајќи на „преполовување“ на нивната бројка до 2030 година благодарејќи на оданочувањето а потоа и нивно долгорочно „укинување“.

„Економската нееднаквост достигнала крајно и опасно ниво“, пишува споменатата меѓународна невладина организација во годишниот извештај за нееднаквоста, првиот ден од форумот во Давос, каде што следнава седмица ќе дискутираат светските економски и политички елити.

Благодарејќи на остриот раст на цените на берзите, богатите последните десет години станале уште побогати: на 100 американски долари создадено богатство, 54,4 долари завршиле во џебовите на 1 отсто од најбогатите поединци во светот, а 70 центи отишле кај 50 отсто од сиромашните, истакнуваат од Oxfam.

Истовремено капиталот на милијардерите се удвоил, а нивниот број расте, се тврди во извештајот на Oxfam, чијашто извршна директорка Габриела Бучер е поканета на форумот во Давос.

„Крајната концентрација на богатството го поткопува економскиот раст, ги корумпира политичарите и медиумите, ја подјадува демократијата и и продлабочува нееднаквостите“, пишува организацијата во извештајот.

Се истакнува дека нееднаквостите станале „егзистенцијална закана за нашите општества, којашто ја парализира нашата способност да го запреме осиромашувањето“ и „се закана за иднината на планетата“.

Како што натаму се наведува во извештајот на Oxfam, оданочувањето е „пресудно“ за намалување на бројот на милијардерите на планетата и не смее да ги одмине приходите и капиталот на најбогатите.

Меѓу мерките коишто се предлагаат во извештајот се посебниот данок на богатство, данок на дивидендите, како и зголемување на данокот на приходите од трудот и од капиталот за 1 отсто од најбогатите од планетата.

Покрај тоа, „супер добивката“ на компаниите е цел на Oxfam од каде предлагаат повеќе да се оданочуваат исклучително високите добивки, како што се милијардите коишто последните месеци ги заработуваат нафтените компании благодарејќи на експлозијата на цените на енергијата што повторно се припишува на војната во Украина, откако енормниот раст на енергенсите започна есента 2021 година во периодот на постпандемиското отворање на националните економии.

Тие мерки, се оценува во Oxfam, би овозможиле сопственоста и бројот на милијардерите да се намалат на нивото од 2012 година, пред „бројките да се качат до небото“.