Неидентификувани вооружени напаѓачи влетале на роденденска забава и притоа усмртиле 14 лица, вклучително и малолетно дете, во југоисточната мексиканска сојузна држава Веракруз, пренесуваат во саботата медиумите, повиикувајќи се на официјални извори, пренесува локалниот портал lasillarota.com
Нападот се одиграл доцна во петокот во време на детска роденденска забава во градот Минатитлан, пренесува телевизијата Telemundo.
Седум други лица се ранети во нападот. Повеќето од жртвите се од исто семејство. Полицијата соопшти и дека напаѓачите се во бегство, како и дека засега не се познати нивните мотиви.
Министерот за внатрешни работи на сојузната држава Веракруз, Уго Гутијерез Малдонадо, на Twitter изрази сочувство на семејствата на загинатите и им вети дека напаѓачите ќе бидат уапсени.
Веракруз се смета за најопасната држава во Мексико, каде што нарко картелите често изведуваат брутални масакри. Минатата година во земјата се случиле 30.000 убиства, а најголемиот дел од нив се поврзани со организираниот криминал.