Рускиот претседател Владимир Путин предупреди во четвртокот дека на Русија повторно ѝ се закануваат германските тенкови, алудирајќи на одлуката на Берлин да се откаже од децениската политика поради мрачното минато од двете Светски војни да не испраќа оружје во зони на конфликтот и одобрувањето напредните офанзивни тешки тенкови „Leopard 2“ да ѝ ги испрати на Украина во нејзината војна против руската војска и повторно враќање на контрола на југоисточните украински области населени со доминантно руско и рускојазично населени.
Путин многу јасно направи паралела меѓу војната против германската нацистичка војска на Адолф Хитлер и неговите сојузници во Украина во Втората светска војна со сегашните воени судири, во своето тврдење дека „специјалната воена операција“ на руските сили во соседната земја е да се заштити тамошното руско население од подготвената офанзива и геноцид ланскиот март и злогласните баталјони составен од приврзаници на украинските ултранационалистички и неонацистички движења, обвинувајќи ги за злосторства уште од 2014 година по превратот во Киев.
„Неверојатно е, но германските тенкови Leopard, на коишто се исцртани крстови, повторно ни се закануваат…. И уште еднаш наследниците на Хитлер сакаат да се борат со Русија на украинска почва, служејќи им на ‘бадеровците’“, рече Путин.
Рускиот претседател го кажа ова во текот на одбележувањето на 80-годишнината на победата во Втората светска војна над нацистичките трупи кај Волгоград, тогашен Сталинград, на југозападот на Русија. Путин притоа зборувајќи за „бандеровци“ посочи на сегашните следбеници на украинскиот нацистички водач од Втората светска војна, Степан Бандера (1900–1959) сојузник на Адолф Хитлер, кој по војната под заштита на западните разузнавачки служби живеел во главно во Минхен.
Берлин даде одобрување за испраќање на тенковите од германско производство „Leopard 2“ и на другите земји кои ја поддржуваат Украина против Русија, што посочува дека украинските тенковски сили веќе се уништени. Засега не е познато кога западните тенкови ќе се појават на украинското боиште, поради тоа што станува збор за напредна технологија за која се потребни месеци обука за совладување на управувањето со неа. Поради тоа воените аналитичари велат дека или Украинците биле обучувани претходно или дека со нив ќе управуваат западни војници.
„Оние коишто ги вовлекуваат европските земји, меѓу нив и Германија, во нова војна против Русија и тоа неодговорно го прикажуваат како готов чин и оние коишто мислат дека ќе ја победат Русија на бојното поле, очигледно дека не разбираат современото војување со Русија ќе биде сосема поинакво“, предупреди Путин пред воените функционери и припадниците на патриотските и младинските движења.
Борбите за Сталинград се сметаат за најжестоката и една од решавачките битки во Втората светска војна, којашто советската Црвена армија, којашто Западот и сега ја поистоветува со Русија, ги уништила елитните германски сили вклучително и тенковските единици со тогаш најсовремените тенкови на светот од 1942 до 1943 година со според процените од околу милион жртви.
Путин потсети на духот на бранителите на тогашниот Сталинград за да објасни зошто Русија ќе победи во војната со Украина зад којашто стои целиот колективен Запад, односно како што се истакнува често во Москва, главно истите сојузници на нацистичка Германија на Хитлер во Втората светска војна во нападот врз СССР, велејќи дека таа битка е симбол на „неуништливоста на нашиот народ“.
„Ние не ги испраќаме нашите тенкови на нивните граници, но имаме со што да возвратиме и тоа нема да остане само на употребата на оклопните возила“, истакна Путин.
Одбележувањето на битката за Сталинград годинава доаѓа во времето на жестоките борби меѓу руските и украинските сили во поранешната советска република во којашто по пропаѓањето на СССР во 1990-те години остана да живее голема руска и рускојазична заедница на која по 2014 година и беа ускратени и националните права, забрана за користење и образование на руски јазик, како и медиуми на руски јазик и следење на руските програми.
Сталинградската битка се смета за една од најкрвавите во историјата, со околу два милиона жртви на двете страни, а за историчарите недвосмислено го променила текот на Втората светска војна, или како што во Русија се нарекува Големата татковинска војна, воопшто на сите фронтови. Таа победа се слави во Русија, како победа којашто означува на спасување на Европа од нацизмот.
Путин во тој контекст истакна дека станува збор за „незаборавен настан“ кој бил битка не само за градот, туку и за „опстанокот на напатената но неосвоива земја“ која го утврдила исходот на целата Втора светска војна.
„Како што се случуваше повеќепати во нашата историја, се сплотивме во решавачката битка и победивме. Битката кај Сталинград со право влезе во историјата како целосен пресврт во Втората светска војна“, истакна Путин притоа споменувајќи ја и повеќенационалноста и на сегашните руски војски кои настапуваат во Украина.