На САД им се заканува ураганот „Флоренс“, наредена евакуација на 1,5 милион луѓе

Околу еден и пол милион луѓе во јужниот дел на источниот брег на САД се во состојба пред евакуација, поради доаѓањето на ураганот Флоренс, кој покажува тенденција да стане ураган од петта категорија.

Ураганот од категорија три во текот на вчерашниот ден премина во четврта категорија, а веќе утрово се приближи до петтото ниво, со можност да предизвика катастрофални последици, наведува агенцијата АП. Дури и кога ураганот беше во трета категорија, беа наредени евакуации за крајбрежните области на Северна Каролина, Јужна Каролина и Вирџинија, кои би можеле да бидат директно погодени. Рано ова утро евакуација беше наредена и за државата Мериленд.

Надлежните служби ги повикаа жителите на тие држави да не ја потценуваат моќта на ураганот кој доаѓа и да се потсетат на настаните од минатата година, кога урагани пустошеа низ истата област и нанесоа голема штета на Порторико.

На социјлните мрежи во САД веќе се појавуваат фотографии и снимки од гужви во локалните маркети и продавници со опрема за заштита од временски непогоди, а редови се забележани и на бензинските пумпи.