Лидерите на седум најразвиени земји во светот ќе се соберат вечерва на дводеневен самит во Брисел, а главна тема ќе бидат односите со Русија и украинската криза.
Шефовите на државите и владите на САД,Германија, Јапонија, Франција, Велика Британија, Канада и Италија ќе се состанат по првпат во триесетгодишната историја на Г7, во седиштето на ЕУ во Брисел.
Овој самит според првобитниот план требаше да е одржи во Сочи во Русија како осма членка, но лидерите во март одлучија да ја исклучат Русија поради анексијата на Крим.
Домаќин на дводневниот собир ќе биде претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј и Европската комисија Жозе Мануел Барозо.
Овојпат нема да има нови санкции кон Русија, туку лидерите ќе се сосредоточат на тоа Москва да стапи во политички дијалог со властите во Киев.
„За сега нема разговори за дополнителни мерки против Русија, но заканите за санкции остануваат,“ изјави висок функционер на Европскиот совет.
Тој додаде дека Русија не е исфрлена од Г7 туку сама се исклучила со кршењето на меѓународното право во случај на анексија на Крим и дестабилизација на Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин сепак ќе има можност да разговара со некои учесници на овој самит во петок, кога во Франција се обележува 60. годишнината од влегувањето на сојузничките сили во Нормандија.
Путин најави дека ќе присуствува на тој собир, а за сега е потврдено дека во Франција ќе има билатерални средби со британскиот премиер Дејвид Камерон и францускиот претседател Франсоа Оланд.
Американскиот претседател Барак Обама, кој вчера ја започна европската турнеја која ја опфаќа посетата на Полска, Белгија, Франција во оваа прилика нема во план да се види со Путин, јавуваат американските медиуми.