На самитот НАТО ќе се залага за стандардизација на артилериските гранати

На самитот во Вашингтон следната седмица НАТО првпат ќе побара од земјите-членки построга стандардизација на артилериската муниција со цел да се олесни нејзината употреба на бојното поле.

„Украина покажа дека нашата стандардизација е добра на хартија, но не и на терен“, рекол за Reuters претставник на НАТО кој сакал да остане анонимен, мислејќи на муницијата како што е артилериска муниција од 155 милиметри, која во моментов е дефицитарна ширум западните сојузници поради големата побарувачка предизвикана од руската инвазија на Украина во 2022 година.

Иако НАТО има имплементирано стандардизација на муницијата за помали оружја како што се јуришни пушки, што им овозможува на сојузниците да разменуваат муниција, тоа не е толку лесно за артилериската муниција. Иако постои стандард на НАТО за артилериска муниција, неговата имплементација е доброволна, а бидејќи не се придржуваат до него доволно членки, пазарот се распарчи и снабдувањето е нарушено. Четиринаесет земји-членки на НАТО го задржаа правото да не го следат стандардот, што значи дека има различни видови муниција од 155 милиметри.

Различни видови муниција сè уште може да се користат во сите хаубици, но нивните оператори мора да ги внесат спецификациите на гранати при полнење, во спротивно би можеле да ги промашат своите цели за 50 или 60 метри, велат артилериските експерти. Спецификациите се наведени во табелите што ги користат операторите, но официјалните лица велат дека компаниите понекогаш не ги даваат сите потребни информации, нешто што НАТО има намера да го промени. Исто така, се залага за похармонизирани стандарди, што би довело до поедноставни и пократки табели.

„Светот каде што има една стандардизирана муниција на НАТО, каде што секој сојузник го произведува истото, би бил многу поедноставен свет за воените команданти. Затоа што тогаш сите несомнено би ја користеле истата муниција. Можете да ја земете муницијата од овој магацин и да ја префрлите во тие хаубици, а тоа би бил најефикасен начин да го направите тоа“, рекол претставникот на Алијансата.

Сепак, НАТО може да се соочи со противење од производителите на муниција, бидејќи таквиот потег од една страна кај некои производители ќе бара дополнителни вложувања во стандардизацјата, а, од друга страна, може да ја зголеми конкуренцијата како и да ги намали цените.