На секоја втора приватна фирма ѝ се бара мито, сумите одат и до 100.000 евра

Централната власт најмногу бара мито од приватните фирми, покажа анкетата на Стопанската комора на Македонија (СКСМ) на 138 приватни компании во државава. Повеќе од половината одговориле дека им било побарано мито, а кај 78% од компаниите барањата дошле од централната државна власт. 

Бројките покажуваат дека на пет компании им биле побарани повеќе од 100 илјади евра, а на најголем дел од фирмите сумите одат до 10 илјади евра. Од оние што учествувале на тендери се барале до 10 отсто од вредноста.

Но, не биле барани само пари.

„Во кој облик било коруптивното барање? На ова прашање најмногу одговори има дека е тоа во облик на пари. Понатаму следи одговорот – подарок, потоа услуга и натаму има група на одговори од типот некој да се вработи, да се унапредат во компанијата, некаква донација за политичка партија и слично“, посочи Зоран Јовановски, советник на претседателот на СКСМ

Фирмите најчесто добивале барање за корупција во постапка на добивање разни дозволи или одобренија, инспекциска, царинска, тендерска или судска постапка.

„Најмногу одговори за корупција се во постапка на добивање дозвола, одобрение, при инспекциски надзор, при царинска, тендерска постапка. Има и една група на други одговори кои се во некаква друга постапка, даночна постапка, судска, катастарска. Нула одговори се добиени за постапка на Јавно обвинителство или постапка кога некој вршел ревизија-во таква постапка немало корумптивно барање.“ – вели Јовановски.

Повеќето компании не пријавуваат барања за мито, дел од нив мислат дека тоа ќе нема ефект, а дел изјавиле дека ќе пропаднат ако кажат дека им било побарано мито.

„Од тие кои се соочиле со коруптивно барање повеќе од половината ништо не презеле. Дел викаат дека е дури и нормално нешто да се даде. Многу мал дел го пријавиле барањето кај претпоставениот. На прашањето – зошто не сте пријавиле, дали има некакви пречки за да се пријави, најчести се одговорите дека не веруваат дека тоа ќе има ефект, а некои се плашат дека ќе имаат негативни последици за сопствениот бизнис ако пријават“–, вели Јовановски.

Според анкетата, над 60% од фирмите се соочиле со корупција по два до пет пати годишно.

Од оние што не прифатиле коруптивно барање, речиси половина рекле дека имаат последици врз бизнисот.

Најголемиот дел од компаниите сметаат дека судскиот систем не е ефикасен, дека во власта има поединци кои сакаат брзо да се збогатат, а законите не се применуваат во практика. Предлагаат да се зголемат казните за корупција, а Јавното обвинителство побрзо да постапува по пријавите од Антикорупциска.

Анкетата е спроведена во март годинава, по електронски пат, а се однесува само на 2023 година. Одговориле 138 компании, од кои 75 целосно, на сите прашања. Седиштата на компаниите кои одговориле се во 25 општини низ државата, главно урбани, а работат во 48 дејности. Две третини се фокусирани на домашниот пазар, а една третина се извозници, но вклучени биле и фирми кои не се членки на Комората.