Тетовските планинари објавија фотографии со исечени дрвја во месноста Јелак на Шар Планина. Се сомневаат дека сечата е нелегална, поради што апелираат да се стопира уништувањето на шумското богатство.
Фотографиите се направени викендов, а осамнаа на социјалната мрежа Фејсбук.
„Како да има црна чума на Шар Планина во Јелакова корија. Зарем некој воопшто помисли дека после ненормалниот покољ последниве 15-тина години во атарите на Брезно, Сетоле, Варвара и другите места ќе останат нечепнати Јелак и Лешница. Сулудо е да се верува дека ќе останат недопрени, поготово што државата 30 години не мрдна со прст и при толкава фото/видеодокументација за катастрофите на Шар Планина“, пишуваат планинарите и други тетовци.
Од шумската полиција во Тетово посочуваат дека годинава малку интервенции се спроведени на терен поради состојбата со коронавирусот. За месноста Јелак истакнуваат дека е определена и во надлежност на јавното претријатие кое стопанисува со шумите за редовна планска сеча.
Раководителот на јавното претријатие Национални шуми (поранешен назив Македонски шуми) подружница Лешница-Тетово вели дека не е надлежен за давање информации. Ги препрати новинарите во прес-центарот, но од таму нема одговор.
На 5 мај годинава Владата објави дека е донесена одлука за прифатливоста на иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк, што се смета за начин за спречување на сечата на дрвјата и шумите,како и заштита на природната разноликост. Тогаш беше посочено дека следува јавна консултација, јавна расправа и усвојување на Законот за прогласување, кој за категоријата Национален парк го усвојува Собранието, на предлог на Владата. Собранието се распушти на 16 феврури 2020.
Студија за валоризација на Шар Планина „е клучниот документ од речиси 700 страници што беше завршен во март 2020 година по што постапката за прогласување на масивот за национален парк отиде чекор напред со одлука на Владата на 5 мај за прифатливоста на иницијативата.
Република Северна Македонија има девет отсто заштитена зона низ државата, а со прогласување на Шар Планина за национален парк би се зголемило на 12 проценти.