На скопскиот аеродром запленети непријавени големи суми странска валута

Македонските цариници деновите во два одделични случаи на скопскиот аеродром „Александар Велики“ открија и запленија непријавени 6.500 американски долари и 5.740 евра, информираат од Царинската управа.

Во првиот случај, при личен претрес на државјанин на Обединетите Арапски Емирати,кој допатувал со лет од Истанбул, биле пронајдени непријавени 11.340 евра и 7.000 американски долари. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 9.600 евра и 500 американски долари, противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 6.500 американски долари и 1.740 евра се привремено задржани.

Во вториот случај, при личен претрес на македонски државјанин кој допатувал со лет од Цирих, во плик сместен во рачната чанта на патникот биле пронајдени непријавени 14.000 евра. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 4.000 евра се привремено задржани.

Во двата случаи против патниците се поднесни прекршочни пријави за сторените девизни прекршоци.