На Скопскиот маратон ќе се трча за лицата за кои не постои терапија во светот

Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“ ја продолжува традицијата на учество на Скопски Маратон и во 2019 година заедно со групата „Скопско ноќно трчање“. Оваа активност првпат беше реализирана во 2013 година со цел преку промовирање на здрав живот да се подигнеме свеста за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со ретки болести.

На 4 мај, околу 50 учесници пријавени од „Скопско ноќно трчање“ ќе трчаат на 5, 21 и 42 километри и штафета за лицата со ретки болести за кои не постои терапија.

Благодарни сме на сите што нѐ поддржале до сега и ја продолжуваме соработката и понатаму. Се надеваме дека ќе придонесеме за иднината за луѓето со ретки болести да биде иднина која ја посакуваат. Оваа година трчаме за лицата со ретки болести за кои не постои терапија во светот. Од 8000 ретки болести во светот, само за 5 отсто постои некаква терапија која ќе им го подобри квалитетот на живот. Додека се истражуваат лекови единствен начин да им се помогне на семејствата кои се соочуваат со дијагнози за кои нема лекови е да се обезбедат социјални услуги и вклучување во сите сфери на животот.

Трчаме за подобри услови за рехабилитација (физичка и психичка), за психолошка помош и поддршка, за навремени и точни информации, за физиотерапија во соодветни услови во сите градови, за дневни центри во кои децата може да се дружат, за воведување на подобри услови за клинички студии, вели Весна Алексовска, претседателка на „Живот со предизвици“.

 

Во здружението има семејства со над 90 различни дијагнози, за жал за поголем дел не постои терапија во светот. Една од тие болести е Ихтиоза, друга е Епидермолисис Булоса, потоа Фридрих Атаксија, Мускулни дистрофии, Алажил синдром, Неурофибрамитозис, Чург Штраус, Џулиан Бареов Синдром, Алпорт Синдром, ЛАС – Лу Герик Синдром, Штрумпфел, Вилијамс синдром, Хантингтон, Ехлерс Данлос синдром, Вест синдром, Лове синдром, Аспергилоза, Ренду Ослер Вебер синдром, Порфирија, Бартер синдром, и многу други, сите се соочуваат со различни проблеми и предизвици во својот живот.

Продолжуваме со комуникација со Министерство за Здравство, ФЗОМ, МАНУ и со Министерство за труд и социјална политика со цел да се овозможат соодветни услуги за семејствата со ретки болести, почнувајќи од дијагноза, продолжувајќи со добивање на соодветна информација, набавка на рана терапија, достапност на соодветни здравствени и социјални услуги за пациентите.. Секој човек заслужува да добие шанса за подобар живот. Само со заедничка работа преку добра комуникација може да се овозможи подобар квалитет на живот. Со нашата работа во тек на 10 години, покажавме дека со застапување на пациентите пред институциите, работите може да се променат на подобро. Наместо само да критикуваме, понудивме реални решенија и заеднички баравме начин со институциите за решавање на проблемите. Добивме зголемување на финансиски средства во програмата за ретки болести, добивме електорнски регистар, добивме генетски анализи на товар на ФЗОМ, рефундација на специјална исхрана и посебни завои и фластери. Одиме понатаму, напред заедно за семејствата со ретки болести, вели Алексовска.

Јас сум само еден од лицата со ретки болести за кои не постои лек. Лек кој значително би го подобрил квалитетот на живот, земајќи го фактот дека ретката болест ихтиоза има силно влијание врз квалитетот на животот. Вакви болести има многу и нашето општество треба да направи вистински чекори за да ја подобри достапноста до соодветни здравствени и социјални услуги. Исто така би сакал да истакнам дека Мај е месец за подигнување на јавната свест за ихтиоза, за таа цел минатата година заедно со „Живот со предизвици“ и целиот тим на Прокам продукција  реализиравме краткометражен филм за оваа ретка болест, како и за останатите ретките болести во Македонија и предизвиците со кои се соочуваат луѓето со ретки болести и нивните семејства во секојдневниот живот, рече Јосиф Мишевски, пациент со Ихтиоза.

Искра Тосева од „Скопско ноќно трчање“ вели дека тие како иницијатива за развивање на свеста за рекреативно трчање се приклучува кон поддршка на борбата со која се соочуваат лицата со ретки болести во Република Македонија со околу 50 тина претставници кои ќе трчаат на 5, 21 и 42 км, и штафета.

Преку нашата иницијатива за рекреативно трчање повеќе пати сме давале поддршка на хуманитарни настани од различен карактер и чест и задоволство ни е да ја дадеме поддршката на Живот со предизвици веќе неколку години по ред. Оваа година трчаме за лицата со ретки болести за кои не постои терапија. Секој од нас треба да има соодветни услови за подобар живот, смета Тосева.