Гледајќи дека веќе нема голем интерес преку системот за закажување термини за вакцинација, а во светот веќе почнаа да се појавуваат нови мутации на коронавирусот, принудени сме да почнеме да размислуваме за воведување на некаква форма на рестрикција со цел да се спречи есенскиот бран на пандемијата, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Тој истакна дека е потребна масовна имунизација на населението, а доколку не се постигне такво нешто, тогаш ќе мора да се размислува за други алтернативни решенија, односно ограничување на движењето на невакцинираните лица.
– Опаѓа интересот на граѓаните да закажуваат термини за вакцинација, па затоа ние веднаш почнавме да спроведуваме теренска вакцинација. Во светот се појавуваат нови мутации на коронавирусот и потребна е масовна имунизација на населението. Свесни сме дека можеби интересот нема да се зголеми во следните неколку месеци, па затоа размислуваме за воведување некаква форма на рестрикција. На пример, вакцинален сертификат да мора да се приложи на сите настани со масовно присуство на отворено или на затворено. Тоа значи дека невакцинираните лица нема да можат да влезат на некој културен или спортски настан каде што присуствуваат повеќе луѓе – рече Филипче.