На Србија ѝ се заканува хуманитарна криза ако не ги зголеми капацитетите за мигрантите

Бројот на регистрирани мигранти во Србија е двојно поголем во однос на минатата година кога беа регистрирани околу 43.000. Од почетокот на годинава во Србија официјално се регистрирани над 86.000 мигранти. Слична е ситуацијата и во земјите од регионот. Најголемиот број од нив доаѓаат од Авганистан, Сирија, Пакистан, но и од земјите од Северна Африка. Радош Ѓуровиќ, директор на Центарот за заштита и помош на барателите на азил, за РТС изјави дека камповите во Србија се полни и предупреди дека сме сведоци на тешка ситуација која се заканува да прерасне во хуманитарна криза, доколку не се зголемат капацитетите.

„Многу често луѓето остануваат надвор од камповите, во околните места, по стотици, па и илјадници. Во Прешево над 1.100 луѓе се во кампот, 50 луѓе спијат на отворено. Во Сомбор, пак, некаде помеѓу 600 и 700. Луѓето спијат на отворено околу кампот, а кампот е полн. Слична е ситуацијата и во Суботица“, рече Ѓуровиќ.
Како што рече тој, капацитетот на камповите во Србија е 6.000 места во летни услови. Тоа значи, вели, дека капацитетите не се доволни.

Зборувајќи за рутата по која поминуваат бегалците, Ѓуровиќ објасни дека тие сепак најмногу доаѓаат во Србија од југ, пред сѐ преку Северна Македонија, од територијата на Косово, од Бугарија.

„Ова се главните начини на кои луѓето доаѓаат кај нас, а потоа мигрантите одат или во Босна или до српско-унгарската граница, каде што луѓето масовно се обидуваат да ја преминат границата во моментов, а таква е ситуацијата од почетокот на годинава“, рече Ѓуровиќ.

Според него, унгарската граница, иако е оградена по целата нејзина должина, иако има значителни унгарски сили и полициски и воени, кои ја контролираат границата, всушност е најпропустливата, што укажува дека концептот на ваква борба против миграцијата не дава резултати на терен.

Ѓуровиќ рече дека на таа локација има насилство, но и дека унгарските власти дневно „туркаат“ стотици луѓе во Србија кои ги фаќаат при обидот да ја преминат границата.

„Тоа се случува секој ден, па создава метеж и тешка состојба на северот од нашата земја“, потенцира директорот на Центарот за заштита и помош на барателите на азил.

И бегалци илегално влегуваат во Србија, поминувајќи ги граничните премини, а Ѓуровиќ вели дека тоа се случува по целата должина на „зелената граница“. „Тоа значи дека тие го користат секој можен начин и со помош на шверцери на луѓе и нивната пловидба од двете страни на границата за да влезат кај нас. Една од најпропустливите точки, рече тој, е околу Прешево.

Според неодамна потпишаниот договор, на Србија ѝ е доделен грант од 36 милиони евра како форма на помош за згрижување мигранти и борба против илегалната миграција. Како форма на дополнителна борба против овој проблем, беше најавено дека дополнителни сили на Фронтекс ќе бидат испратени на границата на Србија и Северна Македонија.