Градската болница во Струга e eкстремно дотраен и крајно деградиран објект, ветуван со години, кој во никој случај не се поправа или не се прават обиди да се поправи, обвини денеска Алијанса за Албанците.
– Владејачката албанска партија, актуелниот градоначалник Рамиз Мерко заедно со други функционери на неговата партија, ни ветуваа неколку пати дека ќе го поправат овој објект, дека ќе изградат нова болница во Струга, дека ќе ја преместат болничката установа од срцето на градот. Но, како што може да се види, сѐ е оставено на место. Болницата е таму, во бедна и катастрофална состојба, предизвикувајќи хаос во секоја сфера од животот во нашиот град – велат од Алијанса за Албанците, која денеска одржа прес конфренција пред струшката болница.
Оттаму истакнаа дека во Струга се исечени дрвја, дека е уништен единствениот парк во болницата и дека на тоа место се изградени модуларни објекти, ковид центри од пластика, кои, како што рекоа, видовме како завршија во Тетово минатиот месец.
– 14 луѓе беа изгорени живи, сѐ уште никој не одговарал за тоа. А најлошо е што нема гаранција дека истото не може да се случи и во други модуларни центри, како овој во Струга – рекоа од Алијанса.
Оттаму му порачаа на Мерко, пред да побара четврт мандат на чело на општината, да одговори пред стружани за ветувањата што не ги исполнил.
– Кога и каде ќе се гради новата Болница во Струга? Кој ја гарантира состојбата на „пластичните бараки“ што ни ги доведоа во срцето на градот? Дали Рамиз Мерко дал дозвола за тие бараки и дали е направен соодветен технички прием? Уште колку пати ќе лаже Рамиз Мерко за да ги измами стружани – прашуваат од Алијанса за Албанците.