Министерството за внатрешни работи, реализираше случај на недозволена трговија со хероин, при што запленети се 203,42 гр. хероин, наменет за нарко пазарот во западноевропските земји, а од слобода е лишено едно лице, бугарска државјанка.
Како што соопштуваат од МВР, во средата околу 18.00 часот на излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце, се пријавило лицето С.П.С.(1976) од Благоевград, Република Бугарија и истата со себе носела патна торба.
При рутинска контрола од страна на граничните полициски службеници во соработка со царинските службеници на полициската станица за граничен премин Табановце преземени се оперативно тактички мерки за селектирање на патници за дополнителна проверка и контрола, при што бугарската државјанка била издвоена.
При извршениот преглед во нејзината патна торба пронајдени и одземени се две полиетиленски пакувања исполнети со прашкаста материја со вкупна тежина од околу 200 грама.
Одземената прашкаста материја била предадена во Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР заради понатамошно вештачење, и по извршеното вештачење утврдено е дека се работи за наркотична дрога – хероин со вкупна тежина од 203,42 грама.
По целосно расчистување и документирање на случајот од страна на МВР на Р.Македонија до Основното Јавно Обвинителство Куманово ќе биде поднесена кривична пријава против лицето С.П.С.(1976) од Благоевград, Р.Бугарија, дека го сторила кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член 215 од Кривичниот законик на Р. Македонија.