На терен почина најдобриот стрелец во албанското првенство

Рафаел Двамена, 28-годишниот фудбалер од Гана и играл на албанскиот прволигаш Егнатиа, почина од срцев удар во саботата во текот на натпреварот против првакот Партизани.

Лекарската помош стасала многу брзо и направила обиди за реанимирање на фудбалерот на самиот терен. Потоа е префрлен во болница каде што е потврдена смртта.

„Двамена изгубил свест и откако лекарите му укажале прва помош бил испратен во болница. И покрај непосредната интервенција на лекарите специјалисти и сите напори да го вратат во живот, фудбалерот за жал почина“, се вели во соопштението на албанската фудбалска федерација која ги одложи сите натпревари во земјата закажани за оваа седмица.

На Двамена му беше дијагностицирана срцева болест во 2017 година и за време на натпревар во Австрија во 2021 година колабираше на теренот, но набрзо беше стабилизиран.

„Тој добро ѝ служеше на својата земја и покажа класа секогаш кога ја претставуваше Гана“, рече претседателот на Фудбалската асоцијација на Гана, Курт Едвин Симеон Окраку во изјавата.

Двамена девет пати играше за Гана и постигна два гола.

На почетокот на неговата фудбалска кариера во Гана беше сметан како многу талентиран фудбалер, но исто толку брзо беа забележани и неговите проблеми со срцето. Пред шест години тој требаше да потпише договор со англиски Брајтон, но клубот не се согласи на тоа бидејќи споменатите проблеми беа откриени при лекарските прегледи. Во 2020 година, тој беше подложен на операција на срцето и му беше вграден дефибрилатор, кој самоиницијативно реши да го отфрли минатата година.

Во последните години настапуваше за Леванте, Сарагоса, Вејле и Линц, додека оваа сезона беше најдобар стрелец во албанското првенство со девет погодоци.