На тетовка ѝ ги отстраниле двете дојки после лажна дијагноза за канцер на Онкологија во Скопје

Пациентка од Тетово со двојна масектомија бара одговорност од лекарите од Клиниката за онкологија и радиотерапија кои сугерирале итна операција поради сомневање за канцер.
„Имам една добра и една лоша вест за вас. Добрата вест е дека нема да мора да одите на хемотерапија. А лошата е, што не требаше да ви ги отстраниме градите. Воопшто не сте имале карцином”.
Овие реченици што ужаснуваат, 56 – годишната С.С. од Тетово ги слушнала од лекар во приватна болница во Скопје во 2018 година и оттогаш ќе ја прогонуваат ден и ноќ. Животната радост која дотогаш ја чувствувала оваа жена ќе биде поттисната под тешкиот камен на гневот, неодговорените прашања и посетите во ординациите на психијатрите.
Во редакција на „Слободен Печат“ таа дошла истоштена, растреперена и како штотуку разбудена од шок. Шокот за неа трае петта година, а измешан е со лутина и една внатрешна потреба:
-Некој мора да одговара за тоа што ми беа отстранети градите поради лажна дијагноза за канцер. Ми кажаа дека мора итно да се оперирам, а кога се вратија резултатите од хистопатологија после операцијата, во ткивавата од отстранетите гради, имаше мастит, а не канцер.
С.С. е мајка и сопруга. Пред да ја жегне наодот кој оди во прилог на канцер, излегувала, сакала да разговара, да комуницира, имала пријатели и сакала да се дружи. Се хранела здраво и со сопругот постојано оделе во природа. Но сега, од таа жена останати се само спомени, а ја заменува тажна и замислена, честопати нерасположена „двојничка”. Освен дел од нејзиниот физички интегритет, вели дека ѝ е украден и дел од душата кој никогаш нема да може да го придобие назад. Во текот на еден час колку што разговаравме, можеби десет пати спомена дека откако ѝ ги отстраниле двете дојки поради канцер што го немала, таа е психички руинирана. Од нејзиниот сопруг кој срдечно се жртвувал изминатите пет години, сега таа чека и да ѝ помогне да се искапе. Не може да учествува во работите од домаќинството како што тоа го правела порано. На местото на нејзините гради сега има протези, што ѝ паѓа многу тешко. Не толку поради естетиката, колку поради украдената женскост и телесниот интегритет.
-Кога се капам, многу боли. И ќе се погледнам и тешко ми е. Рацете ми се тресат. Понекогаш кога ќе земам чаша вода во рака таа ми паѓа. Раката ми се олабавува и губам контрола и осет во неа. Често затреперувам. Пет години од нашата куќа не излезе ниту збор за тоа што ми го направија. Само јас, маж ми адвокатките и децата знаеја. На пријателите не им кажувавме. Поминавме пекол и шок, наизменично. Не знаев дали да бидам благодарна што немам канцер, или да тагувам што ме осакатија. И тие чувства постојано се заменуваа едно со друго. На крајот сите нив ги надвладеа гневот и лутината. Верував во системот и верував дека Обвинителството ќе си ја заврши работата. Но пет години нема никакво поместување. Предметот се чува во фиока и не сакам да застари. Сакам некој да одговара за тоа што ми го направија, затоа решив да се обратам во медиум, вели С.С. за „Слободен печат”.