На Турција ѝ се закануваат и земјотрес и цунами

Разурнувачкин земјотрес, по кој би следеле серија на цунамија во Мраморното Море, ѝ се заканува на Турција, сметаат турските сеизмолози кои 30 години го испитуваат овој феномен, јави Си-Ен-Ен-Турк. Само десет минути би му требале на првото цунами да стигне до копното, а на најголемиот бран час и половина, објаснуваат експертите кои претставија план мерки за справување со кризата пред турскиот Парламент, пренесува МИА.

На денот на погубниот скопски земјотрес од 1963 година, копното се чини не мирува ни во регионот. Ќе биде ли Истанбул потопен со вода? Мраморното Море во Турција, во кое се пресекуваат Средоземното и Црното Море е во потенцијална опасност од сеизмички поместувања. Претстои „јасна опасност од цунами“, предупредува извештајот од над 500 страници изготвен од експерти од земјата.

Првиот удар на цунами не би бил разорувачки, но сите бранови по него би биле катастрофални за најблиското копно и за островите и источниот дел од Мраморното море. Тоа се густо населени делови од Турција како што се островот Мармара, протокот Босфор и секако мегаполисот Истанбул, градот кој ги спојува Европа и Азија.