На Украина ѝ требаат 5 милијарди долари месечно за да ја одржи економијата, ММФ подготвува пакет

Украинското Министерство за финансии проценува дека на земјата ќе и требаат пет милијарди долари месечно за да го одржи функционирањето на економијата, изјави денеска генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиjева.
„Ние работиме многу тесно со Министерството за финансии (Украина) на нивните проценки или она што би било потребно за зајакнување на економијата во следните три месеци, и тие излегоа со пет милијарди долари месечно“, рече таа, пренесува CNN.
На пролетниот состанок на ММФ и Светската банка во Вашингтон, Георгиjева рече дека има одредени „неизвесности“ за сумата, но малку е веројатно дека таа ќе биде надвор од финансиските потреби на земјата и дека ММФ работи со своите партнери zа мобилизирање нa „таков вид на поддршка“.
Таа додаде дека веќе разговараат за последователен пакет поддршка со Украина и нагласи дека оваа „голема неизвесност“ не треба да ги спречи да започнат со работа на тоа.
Георгијева и претседателот на Светска банка Дејвид Малпас се очекува утре да се сретнат со украинскиот премиер и министерот за финансии, за да разговараат за натамошната помош. Таа изјави и дека не е „мудро“ да се донесе нов пакет помош „додека траат непријателствата“.
„Не е фер да се очекува од украинските власти да развијат и спроведат широк пакет реформи во овој момент“, рече Георгијева.