Најверојатно е оштетен ракетен систем „Patriot“ во Украина – американски извори

Противвоздушниот ракетен систем „Patriot“ од американско производство кој ѝ е предаден на Украина, најверојатно претрпел извесно оштетување во рускиот ракетен напад, изјавиле за Reuters во вторникот  двајца неименувани американски функционери.

Системот „Patriot“ е еден во низата напредни софистицирани оружени системи за противвоздушна одбрана кои западните земји ѝ ги испорачаа на Украина во настојувањата да се одбрани од масивните руски ракетни и напади со беспилотни летала, чијашто цел се критичната инфраструктура, енергетски објекти, логистиката за војската и командните центри.

Американски функционер, зборувајќи под услов да остане анонимен и цитирајќи ги прелиминарните извештаи, за Reuters рекол дека Вашингтон и Киев веќе разговарале за најдобриот начин како овој систем да биде ставен повторно во функција и оти во моментов се чини дека „Patriot“-от „нема да мора“ да биде дислоциран од Украина.

Функционерот додал и дека САД подобро ќе се запознаат со случајот следните денови, како и дека информациите може да се променат со текот на времето.

Руското Министерство за одбрана претходно во вторникот извести дека со хиперсоничен проектил „Кинжал“ во текот на ракетниот напад од изминатата ноќ уништиле американски противвоздушен систем „Patriot“ распореден во украинската престолнина Киев.

Претходно украинската команда објави дека во ноќниот руски напад соборила 18 руски проектили, вклучително дури и шест хиперсонични „Кинжал“-и. На прашање на агенцијата РИА, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го отфрли таквото тврдење и истакна дека Киев последните седмици постојано зборува за голема бројка наводно соборени вакви проектили отколку што Русија воопшто ги лансирала.

Не е јасно со кое западно оружје Украина ги соборила проектилите, особено руските „Кинжал“-и. Пентагон веднаш немал коментар на прашањето, забележува Reuters.

 

Системот „Patriot“ се смета за еден од најнапредните американски системи за воздушна одбрана, вклучително и против авиони, крстосувачки и балистички ракети. Обично вклучува лансери заедно со радар и други возила за поддршка.

Според стручњаците од вашингтонскиот Центар за стратегиски и меѓународни студии (CSIS), системот „Patriot“ е „најскапиот вооружен систем кој САД ѝ го доставиле на Украина“ досега. Имено секоја единица чини околу 1,1 милијарда долари, и тоа 400 милиони се лансерите, командниот модул и радарскиот систем за лоцирање, и околу 700 милиони долари за ракетите за пресретнувачи. Еден проектил од најновата модификација го чини Пентагон 4,1 милиони долари.

Станува збор за армиски мобилни системи за противвоздушна одбрана стапија во вооружувањето на американката војска во 1980-те години. Развиени се за соборување авиони, беспилотни летала, крстосувачки и балистички проектил со краток и среден дострел. Една батерија вклучува пет до осум мобилни единици. На платформата може да се сместат контејнери за лансирање за 4 или 16 проектили, во зависност од модификацијата.

Во моментов системи „Patriot“ во своите вооружување ги имаат или планираат наскоро да ги набават 18 земји во светот, меѓу кои Германија, Израел, Јапонија, Јужна Кореја, Романија…

Овие системи американската војска активно ги користење во текот на операциите во Персискиот залив, односно Заливската војна во 1991-ва и инвазијата на САД и сојузниците врз Ирак во март 2003 година.