Демијан Вилијамс, главниот федерален обвинител на Менхетен, во понеделникот изјави дека планира да поднесе оставка на 13-ти декември, околу еден месец пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Едвард Ким, кој моментално ја извршува функцијата заменик на Вилијамс, ќе ја преземе улогата на вршител на должноста јавен обвинител за јужниот округ на Њујорк.
Канцеларијата на Вилијамс има висок степен на независност од Министерството за правда и е позната по справување со случаи од висок профил на финансиска измама и јавна корупција.
Трамп претходно овој месец рече дека ќе го номинира поранешниот претседател на Комисијата за хартии од вредност (SEC), Џеј Клејтон да ја води канцеларијата. За оваа позиција потребна е потврда од американскиот Сенат, во кој републиканците на новоизбраниот претседател го преземаа мнозинството на изборите на 5-ти номеври.
„Уверен сум дека заминувам во време кога канцеларијата функционира на неверојатно високо ниво – надминувајќи го веќе високиот стандард на извонредност, интегритет и независност“, рече Вилијамс.
Вилијамс, исто така, го заостри фокусот на неговата канцеларија на јавната корупција. Во јули, тој обезбеди осуда за поранешниот демократски сенатор Боб Менендез од Њу Џерси под обвинение за измама и дејствување како странски агент. Во септември тој изнесе обвинувања за поткуп против градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс.
Менендез рече дека ќе поднесе жалба, а Адамс се изјасни за невин.
Со оставката пред Трамп да ја преземе функцијата, Вилијамс ќе ја избегне потенцијалната судбина на еден од неговите претходници, Прет Барар, кој беше сменет од обвинител на почетокот на 2017 година, набргу откако Трамп стана претседател.