На Волстрит, четврти последователен рекорд на индексот S&P 500

На Волстрит, во средата индексот S&P 500 достигна ново рекордно ниво, четврти ден по ред, благодарение на натамошниот раст на цените на акциите на најголемите технолошки компании.

Индексот Dow Jones загуби 0,26 отсто, на 37.806 поени, додека S&P 500 порасна за 0,08 отсто, на 4.868 поени, а индексот Nasdaq 0,36 отсто, на 15.481 поени.

Растот на S&P 500 и Nasdaq индексите петти ден по ред е благодарение на подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на неколку компании, меѓу кои и „Netflix“. Цената на акциите на таа компанија скокна за повеќе од 10 отсто, а поскапеа и акциите на другите технолошки гиганти.

По вчерашниот раст на цената на рекордно ниво, пазарната вредност на „Microsoft“ првпат го надмина нивото од 3.000 милијарди долари. За повеќе од 1 процент вчера пораснаа и цените на акциите на „Alphabet“ и „Meta Platforms,“ кои се дел од групата наречена „Седумте величествени“ (Magnificent Seven), која е најзаслужна за минатогодишното закрепнување на берзата.

Благодарение на еуфоријата околу развојот на вештачката интелигенција, акциите во технолошкиот сектор растат со месеци, од производителот на чипови „Nvidia“ до софтверскиот гигант „Microsoft“. Дали деловните резултати на овие компании ќе го оправдаат силниот раст на цените на нивните акции во последните месеци ќе се види деновиве.

„Технолошките компании – особено ‘Седумте величествеи’и темата вештачка интелигенција – донесоа некои смешни заработувачки и насоки во изминатата година. Ќе видиме во следните десет дена како ќе се одвива, но раните показатели се секако доста позитивни“, вели Мајк Диксон, аналитичар во компанијата „Horizon Investments“.

Сепак, вчера немаше еуфорија на пазарот бидејќи деловните резултати на некои големи компании не ги исполнија очекувањата. Дополнително, се проценува дека вкупниот раст на заработката на компаниите од индексот S&P 500 во четвртиот квартал од минатата година ќе биде помал од претходниот квартал поради забавувањето на економскиот раст и потрошувачката.

Освен тоа, стивнаа шпекулациите дека американската централна банка ќе ја намали цената на парите веќе во март. Поверојатно е, оценуваат аналитичарите, намалувањето на каматните стапки за 0,25 процентни поени да следи во вториот квартал, во мај или јуни.