На Волстрит во средата индексот Dow Jones достигна ново рекордно ниво, додека S&P 500 благо падна откако американската централна банка Federal Reserve (Fed) ги зголеми каматите и ги подобри процените за раст на економијата во следната година.
Индексот Dow Jones зајакна за 0,33 отсто, на 24.585 поени, додека S&P 500 индексот ослаби за 0,05 проценти, на 2.662 поени, а, пак, индексот Nasdaq порасна за 0,20 отсто, на 6.875 индексни поени.
Како и што се очекуваше, челниците на американската централна банка ја зголемија по дводневната седница клучната каматна стапка за 0,25-процентни поени, во распонот од 1,25 до 1,50 отсто.
Тоа е веќе трето зголемување на каматите оваа година, но проекциите за растот на цените на парите во следните години челниците на Fed и натаму ги оставија непроменети. Од друга страна, ја зголемија процената за раст на американската економија во следната 2018 година од петходните 2,1 на 2,5 отсто.
„Изведбата на американската економија е добра. Нејзиниот раст не е заснован, на пример, на неодржливиот раст на долговите… Светската економија има добра изведба и се наоѓаме во синхронизирана експанзија. Се чувстувам добро во врска со економските изгледи“, изјави на прес-конференција претседателката на Fed, Џенет Јелен.
Благодарејќи на тоа, индексот Dow Jones ја достигна новата највисока вредност во историјата, а порасна и Nasdaq индексот. Меѓутоа, индексот S&P 500 се лизна од рекордното ниво поради остриот пад на цените на акциите во финансискиот сектор, за 1,3 отсто, што упатува на заклучокот, велат аналитичарите на Reuters, дека инвеститорите во банкарскиот сектор очекувале сепзк поагресивни процени на Fed кога станува збор за зголемување на каматите во следната година.
Меѓутоа, гувернерите на американската централна банка останаа на процените за цените на парите во слената година, бидејќи не очекуваат позначителен раст на инфлацијата, а претпазливи се и во поглед на влијанието на даночните реформи, коишто би требало според најавите на претседателот Доналд Трамп, да го поттикнат побрзиот раст на економијата.
И додека банкарскиот сектор забележа пад, најголем раст, од 0,5 отсто, во средата забележа S&P индексот на потрошувачкиот сектор, а следеше и комуналниот сектор со раст од 0,3 отсто.
Позитивно на пазарите влијаеше и пораката на републиканските претставници во Конгресот дека Пратеничкиот дом и Сенатот постигнале договор за заедничкиот предлог за даночните промени, според коишто, меѓу другото, би се намалила даночната стапка на приходот на поимотните граѓани, додека даночната стапка за компаниите би била намалена од 35 на 21 отсто, а не како ште се очекуваше на 20 отсто. Конечното гласање за предлогот за даночната реформа се очекува идната седмица.