На Волстрит нов рекорд на индексот Dow Jones

Берзанските индекси пораснаа на Волстрит во понеделникот, при што Dow Jones достигна ново рекордно ниво, бидејќи во септември се очекува намалување на каматните стапки и додека пазарот се прилагодува на сѐ поверојатната победа на Доналд Трамп на претстојните претседателски избори во САД.

Индексот Dow Jones зајакна 0,53 отсто, на рекордни 40.211 поени, додека S&P 500 порасна за 0,28 отсто, на 5.631 поен, а Nasdaq зајакна 0,40 отсто, на 18.472 поени.

Изгледите републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп да победи на претстојните избори се зголемија по неуспешниот обид за атентат врз него во саботата. Затоа, пазарот се прилагодува на се поверојатниот втор претседателски мандат на Трамп.

Првиот беше одбележана со зголемување на царините за увозните производи, намалување на даноците, јакнење на доларот и раст на јавниот долг и приносите на обврзниците. Дополнително, новите ограничувања за мигрантите може да доведат до недостиг од работна сила, а со тоа и до зголемување на платите, па дури и до заживување на инфлацијата.

Исто така, треба да се очекува дека Трамп повторно ќе ги олабави ограничувањата во многу области, и оние поврзани со климатските промени и оние поврзани со трговијата со криптовалути.

Од друга страна, очекувањата дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки во септември имаат позитивен ефект на пазарот, со оглед на тоа што речиси сите најнови податоци покажуваат дека инфлацијата во САД се намалува.

Претседателот на Fed, Џером Пауел, вчера во Економскиот клуб во Вашингтон изјави дека верува оти економијата ќе ја избегне рецесијата и оти инфлацијата постепено ќе опаѓа кон целното ниво од 2 отсто.

„Најважниот настан – обидот за атентат врз Трамп – не промени ништо на пазарот. Нема промени во проценките за БДП-то, ниту во очекувањата дека Fed ќе ги намали каматните стапки во септември. Дополнително, заработката на компанијата е над очекувањата, па инвеститорите остануваат оптимисти“, вели Сем Стовал, стратег во компанијата „CFRA Research“.

И на европските берзи цените на акциите вчера паднаа. Лондонски FTSE индексот ослабе за 0,85 отсто, на 8.182 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,84 отсто, на 18.590 поени, а париски CAC 1,19 отсто, на 7.632 поени.