На Волстрит нов рекорд за индексот S&P 500

На Волстрит, индексот S&P 500 во вторникот благо порасна, достигнувајќи ново рекордно ниво, како и индексот Nasdaq, што најмногу се должи на растот на цените на акциите на технолошките компании.

Индексот Dow Jones загуби 0,13 отсто, на 39.291 поен, додека S&P 500 порасна за 0,07 отсто, на 5.576 поени, а Nasdaq 0,14 отсто, на 18.429 поени.

Новите рекорди за S&P и Nasdaq индексите се благодарение на зголемените цени на акциите на технолошките гиганти како „Nvidia“, „Microsoft“ и „Tesla“. Благодарение на оптимизмот за развојот на вештачката интелигенција, цените на акциите на производителите на чипови како „Nvidia“ растат речиси постојано, а Nasdaq индексот вчера постави рекорд шести ден, а S&P 500 петти ден по ред.

Сепак, тргувањето беше претпазливо, на што укажува значително помал обем на тргување од вообичаеното Имено, инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред новите податоци за инфлацијата во САД.

Во четврток ќе биде објавен извештај за потрошувачките цени во јуни, а во петок извештај за цените на производителите. Инвеститорите се надеваат на натамошно ублажување на инфлаторните притисоци, што би отворило простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки. Благодарение на ова, зајакнаа пазарните шпекулации дека Fed ќе ги намали каматните стапки веќе во септември.

Во извештајот до Конгресот, претседателот на Fed, Џером Пауел, вчера изјави дека податоците за инфлацијата се подобруваат, иако сѐ уште се над целта од 2 отсто, па натамошните подобрувања ќе ја отворат можноста за намалување на каматните стапки. Тој, исто така, посочи дека предолгото задржување на каматните стапки на покачените нивоа може да ѝ наштети на економијата, но и дека неговите изјави не испраќаат никакви сигнали за идните потези на централната банка.

Меѓу најголемите добитници вчера беа акциите на големите банки, како „JPMorgan“, „Wells Fargo“ и „Citi“. Овие банки во петок ќе ги објават деловните извештаи со што ќе започне сезоната на објавување на кварталните деловни резултати на компаниите и банките. Аналитичарите анкетирани од Reuters проценуваат дека заработката по акција на компаниите од индексот S&P 500 пораснала во просек за 10,1 отсто во вториот квартал, по растот од 8,2 отсто во претходниот квартал.

А на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,66 отсто, на 8.139 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,28 отсто, на 18.236 поени, а париски CAC за 1,56 отсто, на 7.508 поени.

Индексите паднаа поради неизвесната политичка ситуација во Франција по предвремените парламентарни избори во неделата. Официјалните резултати потврдија дека француската левичарска коалиција наречена Новиот народен фронт (NFP) победи во вториот круг од изборите, додека центристичкиот блок на претседателот Емануел Макрон – Заедно беше на второто место. Крајно десничарскиот Национален собир (RN) на Марин Ле Пен, кој важеше за фаворит по првиот круг на гласање, е трет.

Имајќи предвид дека ниту еден од блоковите не освои апсолутно мнозинство, напорите за формирање нова влада ќе се фокусираат на барање потенцијални сојузи и освојување поединечни членови на парламентот од други групи.