На Волстрит цените на акциите во понеделникот паднаа за околу 1 отсто, бидејќи инвеститорите се загрижени за ситуацијата на Блискиот исток и растот на цената на нафтата, а исчезнаа надежите за остро намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка.
Индексот Dow Jones загуби 0,94 отсто, на 41.954 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,96 отсто, на 5.695 поени, а индексот Nasdaq загуби 1,18 отсто, на 17.923 поени.
Така, Dow Jones и S&P 500 се лизнаа од рекордните нивоа, што, меѓу другото, е последица и на намалените изгледи дека Fed ќе продолжи со нагло намалување на каматните стапки, откако во септември ги намали за 0,50 процентни поени. Податоците објавени во петокот покажаа дека состојбата на американскиот пазар на труд е подобра отколку што се мислеше, па затоа Fed нема да треба да брза да го стимулира економскиот раст.
Освен тоа, поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот исток меѓу Израел и Иран, цените на нафтата силно растат со денови, што може да предизвика раст на инфлацијата.
Поради ова, пазарот проценува дека шансите Fed Д да ги намали каматните стапки за уште 0,50 процентни поени во ноември паднале на само околу 15 отсто. Многу е поголема веројатноста да се намалат каматните стапки за 0,25 процентни поени.
Во фокусот на инвеститорите оваа семица ќе бидат новите податоци за инфлацијата во САД, како и деловните резултати на компаниите и банките, имајќи предвид дека на крајот на неделата започнува сезоната на објавување на кварталните финансиски извештаи.