На Волстрит, S&P 500 достигна ново рекордно ниво

На Волстрит индексот S&P 500 во понеделникот, втор трговски ден по ред, достигна рекордно високо ниво, што најмногу се должи на растот на цените на акциите на технолошките компании.

Индексот Dow Jones зајакна за 0,36 отсто, на 38.001 поен, додека S&P 500 порасна за 0,22 отсто, на 4.850 поени, а индексот Nasdaq за 0,32 отсто, на 15.360 поени.

Растот на индексир трет ден по ред е главно благодарение на растот на технолошкиот сектор, по оптимистичките прогнози за побарувачката на чипови. Во петокот S&P 500 го надмина претходното рекордно ниво постигнато пред две години, а во понеделник дополнително зајакна.

Индексот на секторот производители на чипови вчера достигна ново рекордно ниво, а рекорд достигна и цената на акцијата на производителот на чипови „Nvidia“.

Сезоната на кварталните деловни извештаи досега не беше многу импресивна, со оглед на нерамномерните резултати на најголемите банки. Но, инвеститорите се надеваат на подобри вести во наредните денови, кога ќе бидат објавени извештаите од „Netflix“, „Tesla“, „Abbott Laboratories“, „Intel“ и „Johnson&Johnson“, меѓу другите.

„Заработките и процените на компаниите за натамошното работење ќе бидат клучни за продолжување на растот на цените на акциите на големите технолошки компании, што е основа на растот на целиот пазар во последно време“, вели Квинси Кросби, стратег во компанијата „LPL Financial“.

Во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе бидат новите податоци за трендот на инфлацијата во САД, како и извештајот за бруто домашниот производ во последниот квартал од минатата година Инвеститорите се надеваат дека по овие податоци ќе биде нешто појасно кога американската централна банка би можела да започне со намалување на каматните стапки.

Поради стабилниот раст на економијата, релативно високата инфлација и пораката на првиот човек на централната банка дека нема потреба да се брза со намалување на каматните стапки, стивнаа очекувањата дека Fed ќе ја намали цената на парите веќе во март. Поверојатно е, оценуваат аналитичарите, дека на состанокот на Fed во мај ќе следи намалување на каматните стапки за 0,25 процентни поени.